Два телефонски броја користела и два мобилни телефона ѝ се одземени на потпретседателката на Собранието и пратеничка на СДСМ – Фросина Ременски, при претресот на нејзиниот дом, во рамки на истрагата за „Рекет“ во делот што се однесува на вмешаноста на „Меѓународниот сојуз“ на првообвинетиот Бојан Јовановски алијас Боки 13.
Меѓутоа, како што објави „Телма“, за едниот од одземените мобилни апарати се покажало дека е нов, односно Ременски почнала да го користи на 11 јули, четири дена пред да биде отворена истрагата за „Рекет“ (15 јули). Мобилниот што го користела претходно не ѝ е одземен, па за детални анализи на комуникациите преку тој апарат обвинителството ќе треба да побара информации од операторот. Повеќе ТУКА.
Ременски не беше меѓу осомничените кога се отвори првата истрага за „Рекет“ – за изнудување пари од Орце Камчев, но од самиот почеток таа се споменуваше како учесник во аферата, уште под псевдонимот „Фрики“ во колумните на Бранко Героски.