Одлуката на Соборот на Српската православна црква претставува скандалозен крај во преговорите меѓу СЦП и МПЦ-ОА, бидејќи ја враќа Македонската црква во автономен статус од 1959 година, односно на статус полош од Нишкиот договор, пишува порталот „Религија.мк“, пренесувајќи ги во целост одлуките на Соборот на СПЦ.
Уште поскандалозно, оценува порталот, е што – како што велат од Соборот на СПЦ – одлуката ја донеле по барање на Синодот на МПЦ-ОА.
Скандалозноста не запира тука; Ако е точно дека МПЦ-ОА на тоа се согласила, за иден автокефален статус ќе треба да има сеправославнна согласнот од сите цркви, што практично значи можност за вето, додава „Религија.мк“.
Во пракса, пишува порталот, оваа одлука значи дека СПЦ нема никаква намера да отстапи од епархиите во Македонија и ја враќа МПЦ-ОА како Автономна црква во СПЦ, без притоа да се знае кога и дали воопшто МПЦ-ОА ќе добие некогаш Автокефалност.
„Оваа одлука практично е многу полоша и од Нишкиот договор од 2002 година, бидејќи во нејзе пишува дека МПЦ-ОА се согласила дека за конечниот статус за автокефалност ќе мора да одлучува општ православен консензус. Со други зборови МПЦ-ОА сама се сгласува со поставување вето од која било црква“, се додава во текстот.
Во таков евентуален иден развој на настаните, МПЦ-ОА никогаш нема да дојде до автокефалност, а дури и тоа да се случи, нема да има никакво право на името „Охридска Архиепископија“ бидејќи Бугарската црква нема да се согласи на тоа. Евентуално идно име на МПЦ-ОА би било „Православна Црква на Северна Македонија“, оценува „Религија.мк“.
Потанаму, пишува порталот, одлуката е опасна затоа што практично СПЦ ја замени ПОА со МПЦ-ОА, што имплицира дека ПОА и Вранишковски во сите овие 20 години биле во право, а МПЦ на погрешната страна која предизвикувала расколи.
Доколку овие одлуки се по барање на Синодот на МПЦ-ОА, македонските владици се должни уште денеска да објаснат кој, кога и како се согласил на автономија и зошто „е фрлена во вода жртвата на генерации автокефалисти дадена за иднината на оваа црква“. Целиот текст прочитајте го ТУКА.