Рекордно ниската гледаност на Оскарите – случајност?

Церемонијата на доделување на Оскарите годинава ја гледале 26.5 милиони гледачи, што е рекордно мал број. Ова е првпат доделувањето на наградите од американската Академија за филмски уметности и наука да ја следат помалку од 30 милиони луѓе. Лани, на пример, Оскарите ги следеле 33 милиони гледачи.

Доделувањето на Оскари традиционално е втората најгледана шоу-програма на телевизија во САД, после Super Bowl-от, но годинава тоа не е случај. За споредба, церемонијата на отварањето на Зимските олимписки игри минатиот месец во Пјонгчанг го следеле 27.8 милиони гледачи.

Трендовите покажуваат дека и генерално бројот на луѓе кои гледаат телевизија се намалува, но гледаноста на Оскарите често се чини дека е директно поврзана со популарноста на филмовите во натпреварувачките категории, а тоа говори по нешто и за „The Shape od Water“ – кој го доби Оскарот за најдобар филм.

Ниска гледаност Оскарите имаа и во 2008 година, кога наградата за најдобар филм ја доби „No Country For Old Men“.

Меѓутоа, падот на гледаноста/популарноста во САД не е типичен само за Оскарите. Слични трендови се забележуваат и кај други американски големи настани. Немаме начин тоа да го провериме, но генералниот став кај просечниот Американец, барем по тоа што може да се види на интернет, е дека тоа се должи на сé поголемото мешање на политиката и општествените движења во сите пори на ТВ индустријата, и кај што треба и кај што не треба. Некогаш човек сака само да се опушти, а не по милионити пат да слуша за Трамп и за #MeToo.

- Реклама -