Универзитетската клиника за Гинекологија и Акушерство денеска соопшти „една мала занимливост“. Како што пишуваат на Фејсбук, минатиот месец на ГАК по природен пат се родило најголемото бебе во Македонија.
Се работи за машко бебе, тешко 5.700 грама и долго 55 сантиметри, велат од Гинекологија.
Иако салата за царски рез била подготвена, за такво нешто немало потреба, изјави д-р Адела Поп Стефанија, гинеколог и раководителка на одделот за патолошка бременост на Клиниката, која додава дека новороденчињата потешки од 5 килограми се вистинска реткост.
Под објавата, дел од корисниците изразија загриженост околу тоа дали е нормално по природен пат да се роди толку големо бебе. За сите со истото прашање, од ГАК објаснија дека нема причина бебето да не се роди спонтано доколку карличните мерки одговараат со оние на бебето.
Притоа, ова ѝ е второ бебе на мајката, а и првото било доста крупен плод, исто така родено по природен пат, велат од Клиниката. Taa и овојпат била максимално психички подготвена и максимално соработувала со докторите во желбата и ова бебе да го роди по природен пат.