Реконструкција на албанската влада, меѓу новите министри и еден Македонец

Албанскиот премиер и лидер на Социјалистичката партија, Еди Рама, на денешното партиско собрание соопшти за реконструкција на владиниот кабинет, а целосно е сменет и Секретаријатот на партијата.

Така, нов министер за Европа и надворешни работи ќе биде Игли Хасани, на местото на Олта Џачка, Огерта Манастрилиу го напушта Министерството за здравство и социјална заштита и преминува во Министерството за образование, млади и спорт. На нејзино место доаѓа Албана Корчиу.

Нов министер за економија и финансии е Ервин Мете на местото на Делина Ибрахимај, која ја презема функцијата државен министер за претприемништво и деловна клима, на која функција беше Едона Билали. На чело на министерството за земјоделство и рурален развој, ќе биде Анила Денај, која на оваа функција ја заменува Фрида Крифца.

Рама најави и формирање на министер за локална самоуправа каде прв човек ќе биде Арбјан Мазнику, актуелен заменик градоначалник на Тирана, Македонец чиј татко потекнува од село Врница, област Голо Брдо.

За прв пат во историјата на оваа политичка сила Ен-блок го разреши целиот партиски секретаријат и покрај тоа што на последните локални избори социјалистите извојуваа спектакуларна победа. Еди Рама ги даде првите сигнали за смени во редовите на партијата на власт, што ја предводи, на последното партиско собрание на 26 јули.

Како што рече, предлозите утре ќе му ги достави на шефот на државата Бајрам Бегај, кој треба да потпише уредба за разрешување на досегашните и наименување на новите министри, по што, имајќи го предвид бројот на пратениците од мнозинството, само формално ќе поминат на седница на Парламентот.

Претходно во своето обраќање, тој рече дека „патот кон Албанија 2030 година е со големи предизвици, земјата веќе е влезена во нова фаза, но има уште многу работа“.

– Албанија влезе во нова фаза, таа е на ново ниво. Постојат многу причини за ова. Но, две се најголемите афирмации, првата е туристичката сезона и втората е невообичаеното влијание на новите органи на правдата. Ова е само нов почеток со ново ниво и не е врвот што сакаме да го достигнеме во оваа декада, рече Рама.

Според него Албанија станала главна дестинација за европејците и додаде дека „ако погледнеме назад, од владеењето на социјалистите, има 1001 причина за гордеење“.

МИА

- Реклама -