Управата за јавни приходи (УЈП) ги потсетува сите правни и физички лица кои заклучно со декември 2024 година, оствариле вкупен промет повисок од 2.000.000 денари од вршење на оданочив промет на добра и услуги, дека имаат обврска да поднесат Пријава за регистрација за целите на данокот на додадена вредност (образец ДДВ-01).
„Доколку како физичко лице изнајмувате деловен простор во земјата, давате менаџерски, правни, економски, инжињерски, занаетчиски услуги, давате приватни часови на ученици и студенти, остварувате приходи од продажба на земјоделски производи или вршите друг оданочив промет и во 2024 година сте оствариле промет над 2.000.000 денари треба да се регистрирате за целите на ДДВ.“, соопшти УЈП.
Од таму додаваат дека вкупен промет за целите на ДДВ е прометот што го направил обврзникот во текот на годината по основ на продажба на добра и извршени услуги. Во вкупен промет не влегува прометот кој е ослободен од ДДВ без право на одбивка на претходен данок, како на пр: изнајмување на станбени објекти и станови за живеење, услуги на осигурување и реосигурување, здравствени услуги, услуги за изучување на странски јазици, услуги на компјутерски центри, меѓународен превоз на патници и др. Исто така во вкупен промет не влегува и прометот кој се врши кон странски даночни обврзници и кој не подлежи на оданочување со ДДВ како на пример: вршење на консултантски, адвокатски, ИТ и др услуги кон странски даночни обврзници.
Пријавите за регистрација за ДДВ се доставуваат најдоцна до 15-ти јануари 2025 година, електронски на http://etax.ujp.gov.mk/eTaxServices/, лично во организациска единица на УЈП или по пошта.