Хари Реднап е сѐ поблизу до преземање на кормилото на Република Ирска, откако станува јасно дека деновите на Џовани Трапатони на оваа функција се избројани.
Ирците славеа на последниот меч со Фарските Острови со убедливи 1:4, но овој триумф над тоталниот аутсајдер во групата нема да го спаси Трапатони, кому за најголем грев му се земаат конфликтите со поголемиот дел од стандардните првотимци.
Впрочем, нарушената атмосфера во националниот тим е една од главните причини за убедливиот пораз на домашен терен од Германија, по што многу гласни станаа барањата на Италијанецот да му биде врачен отказ.
Само прашање на време е кога Ирската Фудбалска Асоцијација ќе се раздели од Трапатони, а главен кандидат за негов наследник е Хари Реднап.
Искусниот стручњак долго време беше поврзуван со функцијата селектор на Англија, за во последен момент да извиси во оваа трка. Во меѓувреме Реднап го раскина и договорот со Тотенхем, па сега без никакви проблеми би се нафатил за новиот предизвик во својата кариера.