Реднап си оди од Тотенхем

Хари Реднап во следната сезона нема да го води тимот на Тотенхем бидејќи целосно се нарушени неговите односи со првиот човек на клубот, Даниел Леви.

Искусниот стратег има само уште една година од актуелниот договор со „Спарс“, но преговорите за негово продолжување се целосно прекинати бидејќи Леви воопшто нема намера да го задржи Реднап на кормилото на лондонскиот премиерлигаш.

Напротив, погледите на првиот човек на Тотенхем се насочени кон тоа како да избегне да му ја исплати на овој стручњак платата од три милиони фунти за преостанатата година од договорот.Во англиската јавност се појавија шпекулации дека Реднап е разочаран и решил самиот да си замине, но овие информации беа деманетирани.

„Не знам како може да се појавуваат вакви глупости. Јас имам договор со Тотенхем на уште една година што сакам да го испочитувам и дефинитивно нема да поднесам оставка. Доколку некој сака да ме задржи на клупата, треба да знае дека атмосферата во тимот не е најдобра кога се знае дека тренерот има само уште една година од договорот. Ако мислат дека треба да ми го продолжат договорот, подготвен сум за разговори, ако не сакаат да ме задржат, ќе треба да го исплатат она што ми го должат“ – изјави Реднап.

Ваквиот развој на настаните е голем удар за искусниот стручњак, кој токму поради актуелниот договор со Тотенхем и високите барања на Даниел Леви отпадна од комбинација за англиски селектор, а откако Рој Хоџсон беше именуван на оваа функција, сега на Реднап му се заканува и заминување од „Вајт Харт Лејн“.

Објавено во соработка со Екипа.

- Реклама -