За тоа што се случи вчера некој мора да сноси одговорност, или Реџепи или власта – изјави пратеникот Скендер Реџепи-Зејд од Алтернатива во врска со вчерашното исчезнување (барем од очите на јавноста) на неговиот колега од Беса – Кастриот Реџепи.
„За мене лично како човек зборувам, тоа беше потег кој не оди на честа на власта или пак нему. Некој мора да сноси одговорност за начинот како е претставена демократијата во Македонија вчера. Или тој или власта. Ако тој имал став дека не сакал да го поддржи ова мнозинство што ние го имавме вчера, требаше на прес-конференција утрото или ден порано да излезе и да каже ‘го повлекувам потписот’ и ‘не ја поддржувам иницијативата’ и точка. Немаше потреба да предизвика демократска неправда или демократска криза во државата. Некој ќе сноси одговорност, или тој или тие што дозволија вака да се донесе ситуацијата“, рече Реџепи-Зејд.
Кастриот Реџепи, пак, денеска се јави со нов статус во кој вели дека во понеделник сѐ ќе објаснел и во кој ја повика партијата да не прави „избрзани чекори“. Како што информираше МВР, пратеникот што го изневери новото парламентарно мнозинство денеска дошол и во полициска станица, каде дал изјава дека во ниту еден момент не бил исчезнат, туку престојувал кај пријател „за да се заштити од публицитет“ околу иницијативата за гласање недоверба на владата. Претходно, во видеото објавено вчера во кое уверуваше дека е добар, Кастриот Реџепи рече дека се крие од ризиците кои му доаѓаат како закана од некои негови сопартијци.