Реџепи: Граѓаните ќе издржат уште месец дена без плати, Законот за државјанства е поважен

Денешната координативна средба со претседателот на Собранието Талат Џафери не траеше повеќе од десет минути, а според координаторот на пратеничката група на коалицијата Алијанса за Албанците / Алтернатива – Скендер Реџепи, причина било што тој побарал од координаторите на мнозинството да поднесат нивна верзја на предлог-закон за државјанство, но тие немале што да понудат.

За обвинувањата дека со 32-те илјади амандмани Алијанса и Алтернатива работат против интересите на граѓаните, затоа што е блокирана и помошта од петтиот пакет за економските последици од коронавирусот, Реџепи со контра-обвинување дека власта играла на емоции. Тој тврди и дека граѓаните можеле да издржат уште месец дена без плати:

„Да, вистина е дека за граѓаните доста битна е помошта околу пандемиските случувања, меѓутоа власта знае многу добро дека има категорија на граѓани кои воопшто не користат никаква помош. Ние како албанска опозиција ја прифаќаме таа одговорност дека ќе ги блокираме сите тие закони се додека не излезе Законот за државјанство. Имаме контактирано со доста луѓе кои се од бизнис фелата, луѓето целосно ни даваат поддршка иако се во тешка економска и социјална состојба. Тие велат, кратко, дека може да истраат уште месец дена без плати, но затоа сакаат да дадат придонес за граѓаните кои воопшто немаат државјанство, да им се овозможи конкретна помош“, изјави Реџепи.

Предлог-законот за државјанства на Алијанса и Алтернатива предвидува лица да можат да добијат државјанство и врз основа на искази на тројца сведоци. Во јавноста веќе некое време законот е нарекуван и Закон за „државјанства на жими мајка“.

 

- Реклама -