Ред Бул ја потврдија Хаџар за следната сезона.

Францускиот возач Исак Хаџар ќе биде дел од екипата на Ред Бул следната сезона, возејќи покрај Макс Ферстапен, потврди австрискиот тим.

Хаџар, кој има 21 година, беше промовиран по впечатливата дебитантска сезона во Формула 1, каде што неговото највисоко достигнување беше третото место во Холандија. Младиот Французин ќе го замени Јуки Цунода, кој останува без место во Формула 1, бидејќи нема можност да продолжи во ниту еден друг тим, вклучувајќи го и сестринскиот тим, Рејсинг Бул.

На местото на Хаџар во Рејсинг Бул доаѓа Арвин Линдблад, кој годинава заврши седми во Формула 2 и долго време е дел од програмата за млади возачи на Ред Бул.

Линдблад го зазеде единственото слободно место за следната сезона во Формула 1, а се очекуваше дека некој млад возач ќе ја добие шансата на сметка на Цунода.

Цунода ќе се повлече од Формула 1, барем во блиска иднина, по петгодишен престој, откако доби шанса во Ред Бул на третата трка од сезоната, но не успеа да биде конкурентен со својот тимски колега.

Најдобриот резултат на Цунода во последните пет години е четвртото место во Абу Даби во 2021 година. Лосон го загуби местото во Ред Бул после две трки оваа година, но со своите настапи во Рејсинг Бул, заслужи да остане во тимот следната година.

Овогодинешното првенство во Формула 1 завршува овој викенд со Големата награда на Абу Даби. Во последната трка, Норис влегува со 12 поени предност пред Ферстапен и 16 поени повеќе од Оскар Пјастри.

Фото: EPA