Реал без Пепе нема лек за Барселона

Реал Мадрид ќе биде значително ослабен за гостувањето против Барселона во рамките од Супер-купот на Шпанија поради отсуството на искусниот дефанзивец Пепе.

Португалскиот ас е познат по конфликтите што редовно ги има при дуелите со фудбалерите на каталонскиот гигант, но статистиката покажува дека Реал Мадрид ниту еднаш досега ја нема совладано Барселона доколку Пепе не бил во тимот на „Кралевите“ (откако овој фудбалер пристигна во Мадрид во 2007 година).

Имено, „Кралевите“ досега одиграле три натпревари во Примера против Барса без Португалецот во својот стартен тим, и редовно ги губеле пресметките со лутиот ривал. Оваа непријатна традиција почна во декември 2008 година, кога Пепе поради повреда го пропушти „Ел класико“, а Барселона го искористи тоа и славеше со 2:0. На тој меч во срцето на одбраната на Реал настапија Канаваро и Мецелдер.

Дефанзивецот поради суспензија го пропушти и дуелот во мај 2009 година, кога Барселона среде Мадрид го декласираше Реал со 2:6.

Прочитајте и:  Винисиус се повреди, ќе го пропушти мечот со Ливерпул во Лигата на шампионите

Последен пат Пепе не настапи на дуел од Примера против Барселона на 10 април 2010 година, кога Барса славеше на „Сантијаго Бернабе“ со 0:2. Албиол и Гарај ја сочинуваа одбранбената двојка на „Кралевите“ на овој натпревар и беа немоќни да ги запрат налетите на Меси и на останатите офанзивци на каталонскиот гигант.

Тој не беше дел од тимот на Реал ниту во реванш дуелот од полуфиналето во Лигата на шампионите пред две сезони, кога Барселона ремизираше со „Кралевите“ на домашен терен, но благодарение на победата во Мадрид го визираше својот пласман во финалето.

Останува да се види дали фудбалерите на Реал Мадрид ќе ја продолжат оваа серија слаби резултати против Барса кога во својот тим го немаат Пепе, или пак ќе успеат да стигнат до триумф на „Камп Ноу“ што би ги донел многу близу до освојување на трофејот во Супер-купот на Шпанија.

- Реклама -