Реал три месеци без Марсело

Жозе Мурињо се соочува со сериозен проблем околу позицијата лев бек во Реал Мадрид откако Марсело заработи тешка повреда и ќе мора да отсуствува од терените најмалку три месеци.

Бразилскиот дефанзивец се повреди при еден тренинг на „Кариоките“ за време на подготовките за пријателскиот меч со Јапонија, а лекарските прегледи покажаа дека станува збор за повреда на метатарсалната коска, поради која што Марсело може да се надева на камбек на терените дури во 2013 година.

„Разочаран сум, но се надевам дека паузата нема да биде подолга од првичните прогнози. Моја желба е да му помогнам на Реал во атакот на трофеите, но и да се изборам за место во бразилската репрезентација за Купот на Конфедерации“ – истакна Марсело.

Прочитајте и:  Реал Мадрид се откажа од привлекувањето на Александер-Арнолд

Дополнителни главоболки на Мурињо му создава фактот дека и вториот лев бек во тимот, Фабио Коентрао, исто така се повреди при настап за својата репрезентација, па му престои пауза од најмалку десетина дена.

Ова значи дека стратегот на Реал Мадрид ќе мора да експериментира со својата одбранбена линија најмалку на две средби, оној во Примера дивизион на домашен терен со Селта, но и на оној далеку потешкиот, на гостувањето против Борусија Дортмунд во рамките од третото коло во Лигата на шампионите.

- Реклама -