Реакција и од Влада: Со тонот и тајмингот на пласираните невистини, професорот Ѓорѓиев го искомпромитира сопствениот научен интегритет

„Владата во ниту еден момент ниту се мешала, ниту имала било какво политичко влијание во работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на Северна Македонија и Бугарија. Напротив, секогаш ја поддржувала нивната работа, како научници кои сами, заеднички двете страни, ги утврдија своите принципи на работа“, велат од Владата во реакција на соопштението на историчарот Ванчо Ѓорѓиев, кој како причина за својата оставка од комисијата наведе директно политичко мешање во работата на истата.

Од Владата демантираат дека имало такво нешто:

„Категорично отфрламе било каква инсинуација дека имало било какво влијание на одлуката на професорот Ванчо Георгиев да го прекине својот ангажман како член на Комисијата од страна на Владата или било која нејзина институција.

Поаѓајќи од начелото на целосна независност и слобода во работата на Комисијата, секој член на нашиот дел од Комисијата има право да донесе одлука во врска со понатамошното учество“, се вели во реакцијата.

Прочитајте и:  Околу 30 автобуси возат низ Скопје, граѓаните револтирани, вонредни седници на Владата и на Советот на Град Скопје

Од Владата исто така информираа и дека Ѓорѓиев пред само ена недела потпишал договор за продолжување на неговиот ангажман како член на Комисијата. Оттаму, за нив е симптоматичен и тонот и тајмингот на, како што велат, „инсинуациите“ од негова страна, со што, според Владата, тој си го искомпромитирал сопствениот научен интегритет:

„Сметаме дека со тонот, инсинуациите и тајмингот избран да се пласираат невистини, професорот Ванчо Георгиев, си дозволи да го искомпромитира сопствениот научен интегритет и да пласира политички пораки кои немаат никаква врска со реалноста и работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на Северна Македонија и Бугарија.

Со ова соопштение укажуваме на овие непобитни факти, ја почитуваме неговата одлука и се заблагодаруваме за неговиот досегашен ангажман“, се вели во реакцијата.

- Реклама -