„Ковачевски и Османи да се договорат кој став е официјален, може да се продолжи важењето на пасошите или не? Или Ковачевски нека прашува пред време во ДУИ што може да каже во јавноста, а што не, па да не го брукаат отпосле министрите кои по хиерархија му се подредени. Или даваме шанса, Ковачевски да изреагира соодветно на позицијата и јавно да го укори Османи“, реагираат од најголемата опозициска партија по изјавата на шефот на дипломатијата, според кого, наместо да се фокусираме на „лажна надеж“ за пролонгирање на рокот (од Преспанскиот договор) за замена на личните документи, треба да се фокусираме на побрза замена на документите за да се запази рокот.
Според ВМРО-ДПМНЕ, ова е втор ладен туш за Ковачевски, по оној од Пендаровски.
„Одамна знаеме дека Ковачевски нема авторитет во сопствената партија, но веќе сите гледаат дека нема авторитет ни во сопствената влада. Откако првин се ‘кошкаше’ со Пендаровски кој да се јави во Грција, кој кажа дека тоа е работа на владата и дека тој нема да се јави, сега доби ладен туш од Османи, дека и тој нема да се јави. Дали Ковачевски уште останува на ставот дека е во ред иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ пред Уставен суд или и за тоа добил укор, па и тој став ќе го промени?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Единствено што добија граѓаните од СДС и ДУИ, Ковачевски, Пендаровски и Османи е понижувања, порази и трошоци. Никогаш не се живеело полошо. Важно е да ги поразиме“, порачуваат тие.