Реакција од Кабинетот на Претседателот откако Обвинителството го прекори за вчерашната прес-конференција. Изнесените ставови на Пендаровски, според нив, претставуваат напад врз институциите и мешање и политички притисок врз Обвинителството. Од Кабинетот на Пендаровски, меѓутоа, не мислат така:
„Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски во своето обраќање на вчерашната прес-конференција по ниту еден основ нема направено дискредитација на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, ниту пак постои намера за напаѓање на надлежните институции и мешање во кривичните постапки коишто се во тек.
Потенцираме дека Претседателот Пендаровски во своето обраќање изрази целосна поддршка за надлежните институции, а особено на обвинителството и судот и истакна дека ќе стори се, за да ги заштити од евентуалните притисоци при спроведување на истрагата и целосно расветлување на случајот ‘Рекет’.
Кабинетот на Претседателот Пендаровски уште еднаш укажува дека е потребно ефективно, брзо и темелно завршување на истрагата за случајот ‘Рекет’ почитувајќи го начелото на презумпција на невиност“, се вели во реакцијата.