Реакција на ДУИ за фејсбук објавата на Арбен Таравари во која пишува за Хитлер

„Таравари го цитира Хитлер, да се извини и веднаш да ја избрише објавата“, побараа од ДУИ, откако градоначалникот на Гостивар и генерален секретар на Алијанса за Албанците – Арбен Таравари, на Фејсбук напиша статус во кој прави паралела со владеењето на Хитлер во Втората светска војна.

Според ДУИ, Тараври посегнал по неприфатлива, скандалозна, страшна, бесмислена и неиспровоцирана метафора:

„Неверојатно, но за жал вистинито. Градоначалникот на Гостивар и генерален секретар на Алијанса, Арбен Таравари, го внесува Адолф Хитлер во политиката на Северна Македонија преку неприфатлива, скандалозна, страшна, бесмислена и неиспровоцирана метафора напишана на неговата Фејсбук страница.

Таравари бесрамно го цитира Хитлер: ‘Пошто народот гласаше за нас, сега нека ја трпи и смртта!’ “, се наведува во соопштението на интегративците.

Од ДУИ побараа Таравари без никакво одлагање понизно да им се извини на сите жртви, нивните семејства и на граѓаните и веднаш да ја избрише својата објава на Фејсбук.

Исто така, бараат и сите членови и раководството на Алијанса за Албанците веднаш да го осудат, како што велат, „неприфатливиот чин“ и да се оградат од „апсурдниот став“ на Таравари.

Прочитајте и:  Таравари: Новата компресорска станица ќе биде готова за четири месеци, евентуалните жалби на изборот на изведувач не се добронамерни

„Бараме и од академскиот свет, креаторите на јавното мислење, медиумите и новинарите, невладините организации да го кренат својот глас против ваквиот став на Арбен Таравари, за коj нема место во нашето општество“, се вели во реакцијата на ДУИ.

„Втората светска војна можеше да заврши порано и да бидат спасени многу животи кои згаснаа како резултат на нејзиното лудило. Кога Хитлер почнуваше да губи војска и територијата под окупација почнуваше да се намалува, еден од неговите командири го информираше за овие случувања и побара од него да се повлече од војната бидејќи многу невини луѓе биваа убиени, меѓу нив и многу деца. Хитлер категорично се спротивстави, велејќи дека ‘затоа што луѓето гласаа за нас, сега оставете ги нека трпат смрт’ “, напиша Таравари.

- Реклама -