„Политичкиот прогон преку неосновано обвинение засновано на лаги и шпекулации продолжува!“, реагира на Фејсбук поранешната пратеничка во Собранието од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, откако денеска Јавното обвинителство поднесе Обвинителен акт против неа за „Измама во службата“ за предметот познат како „Друмарина“, за кој истражната постапка ја водеше СЈО.
Според Бонева, очигледно е дека Обвинителството воопшто не ги зело во предвид вештачењето и доказите што ги доставила, а со кои, тврди таа, се побива нивното обвинение.
„Борбата за вистината и правдата ќе ја водам до крај, ако треба и надвор од македонските институции, со цел оваа тортура и валкање на моите чест и углед да престанат!“, вели Бонева и додава дека уште од самиот почеток „ театарот наречен СЈО“ обелоденила дека се работи за политички реваншизам и обид за јавно линчување на дел од поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, а со цел, според неа, дискредитирање на партијата и раздор во единството и сплотеноста на членството, до нејзино комплетно разнебитување.
„Зарем мислите дека ако имаше било каков криминал од моја страна дека јас немаше досега да бидам осудена?! Спротивно на законот 2.5 години ја влечеа истражната постапка и не успеаја да најдат апсолутно ништо незаконско и сега и покрај истекувањето на законскиот рок за поведување на постапка, тие продолжуваат!“, реагира Бонева.
Во својот Фејсбук статус, таа го прашува Обвинителството дали и за други пратеници, особено од власта, има ист третман за истото дело:
„ Во деновите што следат, согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, ќе поднесам барање до обвинителството за тоа дали по допрен глас, пишување на медиуми или кривични пријави, имаат отворено постапки против пратеници од власта под исто обвинение, во која фаза се наоѓат тие и дали имаат поднесено обвинение против некој друг пратеник?“, вели Бонева.