Развојот на човештвото го достигна врвот

 

Долго се веруваше дека човековиот развој е долг процес кој се состои од постојано напредување кое ќе трае засекогаш. Но работите се сменети. Денес научниците веруваат дека човечкиот род го има достигнато па и поминато својот пик – дека веќе се движиме преку своите можности, и дека човековиот напредок веќе се наоѓа во фаза на опаѓање.

Во склоп на обемно истражување анализирани се податоци од изминативе 120 години. Заклучокот на научниците е дека постојат граници кога се работи за човековите карактеристики и особини, како траењето на животот, но и крајните граници кога се работи за човечката висина и сила.

Во моментов сепак и понатаму настојуваме да ги поместиме тие граници, потсетуваат тие, но предупредуваат дека со оглед на начинот на кој на менуваме околината во која живееме (вклучително и глобалното загревање) не само што нема да ги поминеме тие граници, туку последиците ќе не присилат и на назадување.

Брзината на трчање која некогаш се сметаше незамислива, денес е вообичаена. Поместени се и границите на животниот век, но со текот на времето ќе има се помалку такви достигнувања и резултати, покажува истражувањето.

Се помалку луѓе ќе успеваат да ги достигнат рекордите во брзината на трчање, а и должината на животот нема значително да се продолжи, пишуваат научниците во статијата објавена во “Frontiers in Psychology”.


„Некои својства веќе не се менуваат на подобро и покрај постојаните научни, медицински и нутриционистички подобрувања и постигнувања. Тоа значи дека модерните општества му овозможија на човечкиот род да ги достигне своите граници. Ние сме првата генерација на луѓе која е свесна околу тоа“, вели Жан Франсоа Тозан од парискиот универзитет Декарт. „Истовремено во некои аспекти и постигнувања веќе назадуваме. За голем дел од тоа сме сами одговорни, бидејќи негативно влијаеме на својата околина“, додава.

„Тоа ќе биде еден од најголемите предизвици со кои живееме, посебно поради притисокот од антропогената човечка активност која ќе биде одговорна за негативното дејство по човечкото здравје и околината. Проучувајќи го опаѓањето на споменатите тенденции, заклучивме дека тоа се рани сигнали дека нешто е променето, но не на подобро. Во последните десетина години меѓу населението во некои африкански земји забележуваме дека нивната генерална висина се смалила, што укажува на тоа дека некои општества веќе не се во состојба да обезбедат доволна количина нутриенти за своите деца, ниту своето потомство да го одржат здраво“, предупредува Тозан.

Тој и неговите колеги сметаат дека политичарите, владите и останатите одговорни лица, во време кога се утврдени ограничувањата на човечкиот род, треба да се фокусираат на луѓето да им се загарантира достигнување на сегашните лимити, наместо да се инсистира на понатамошно поместување на границите.

„Со оглед на се посилниот притисок врз околината, треба да се вложат многу повеќе средства на постигнување на рамнотежа. Дури ако се успее во тоа, дури тогаш ќе можеме да размислуваме околу можноста за понатамошен напредок кога се зборува за човечкиот род и најголемиот дел човечки биомаркери“, заклучува Тозан.

- Реклама -