Пиши ѝ „развод, развод, развод“ во порака, и разведен си

Две муслиманки во Индија ги тужат своите сопрузи – кои патем се браќа, зашто се развеле од нив преку порака на WhatsApp.

Но овде не се работи за обична тинејџерска тактика на раскинување преку порака. Овде се работи за нешто многу посериозно – „троен талак“.

Троен талак е контроверзна клаузула во шеријатското право, која им овозможува на сопрузите (и само на сопрузите) истантно да се разведат од своите жените, изговарајќи го зборот талак трипати. Тоа им дозволува на мажите да ги исфрлат своите жени од дома за било каква причина, без страв дека ќе сносат некаква легална одговорност.

Големото мнозинство од муслиманите гледа на ова правило со презир, а во најголем дел од исламскиот свет е забрането. Но не и во Индија. Таму тројниот талак сé уште се користи, чувајќи ги жените во постојан страв дека нивните сопрузи можат „да им дадат талак“ ако речат или направат нешто што не му е по ќеиф на мажот.

Иронично, сé повеќе индиски муслимани користат модерна технологија за аплицирање на архаичната пракса, правејќи ја уште „поефикасна“ и понечовечна. Податоците покажуваат дека сé повеќе мажи ги праќаат кобните три збора преку и-мејл и апликации за допишување (каква што е и WhatsApp, за тие што не знаат), и тоа е сосема легитимно според законот. Како е тоа легално? Па така. Според законот, жената не мора да е присутна кога се изговорени зборовите, ниту пак мора да дознае дека ѝ е даден талак. Ако мажот ги изговори или напише – тоа е, разведена е.

Двеве муслиманки од приказнава се посебно во лоша позиција. Нивните сопрузи заминале да работат во Америка, но наместо таму да печалат за семејството, сé што двете жени добиле биле пораки со „талак, талак, талак“.

Едната од нив, Хина Фатима, била трудна кога ја добила пораката пред шест месеци. Другата – Нур, ја добила истата порака неодамна. Сега и двете се исфрлени од куќата (живееле со семејството на мажите, се разбира). Поддржани од своите семејства, сега поднесоа жалба до полицијата во Хидерабад, а воедно и протестираат пред нивниот досегашен дом.

Најголемиот страв на Фатима е околу тоа кој ќе се грижи за нејзините деца. Шеријатското право дозволува мажот да се разведе од жената, но не се занимава со тоа дали жената потоа ќе може да работи и да ги издржува децата. Со право претпоставувате дека тоа ќе оди многу тешко, а премажување веројатно не доаѓа ниту во предвид. Притоа, затоа што нивните сопрузи се развеле по пат на талак, а не според индискиот секуларен закон, оставените жени немаат ни право на алиментација – која инаку изнесува третина од платата на сопругот.

Лани, неколку жени поднесоа петиција до Врховниот суд за да го укине правилото за троен талак. Централната власт исто така реагира дека е против полова неправда и ЗА за еднаквост меѓу мажите и жените како што е предвидено во Уставот, но контроверзната клаузула засега останува во ефект.

Сеиндискиот муслимански правен борд, од друга страна, ја брани праксата на троен талак. Аргументот им е маестрален – дека е подобро да се разведеш од жена, отколку да ја убиеш… WOW, нели? „Правата доделени од религијата не смеат да бидат оспорувани од судот и законот“, додава бордот.

- Реклама -