Растечки тренд на разводи во Гостивар, се распаѓаат бракови и по 20 години заеднички живот

„Мажот и жената ја забораваат главната причина поради која создале брачна заедница, а тоа е љубовта. Умира љубовта, се распаѓа бракот.“ Вака накратко психолозите го објаснуваат растечкиот тренд на разводи кој владее на подрачјето на Гостивар. По алармантната состојба на разводи во ковид пандемијата, следуваше стивнување, но во годините отпосле се бележи благо зголемување.
„Немањето љубов еден за друг повеќе е најчеста причина за раводи. Завршуваат бракови во кои има пари, работат и двајцата, имаат деца, но нема љубов. Не треба да се заборави основата зошто се здружуваат мажот и жената, тоа е љубовта. Но тие забораваат и со време љубовта умира и почнуваат кавгите, несогласувањата, расправиите кои ако не се решаваат навреме почнуваат да создаваат проблем. Брачните партнери почнуваат да ги споделуваат своите проблеми со другите членови на фамилијата, со родителите, се жалат на нив и на тивок начин и поширокото семејство влегува во конфликт, се вовлекува фамилијата и тој првично мал конфликт, станува голем и жесток од двете страни.“, вели психологот Билен Карахасан од гостиварскиот Центар за социјала.

Како карактеристично во последниот период, стручните лица ја посочуваат појавата на разводи кај бракови кои траеле долго со веќе пораснати деца и изграден заеднички живот.
„Специфично е што се разведуваат брачни парови кои се подолго време во брак, 15-20 години, со по 2-3 деца. Да, се случувало и порано, но не во толкав степен. Во ваквите случаи, генерално жените бараат развод, едноставно одлучиле да се разведат после толку долги години брак. Ова е интересна појава што мислам дека ја должиме на ослободувањето на општеството, развојот на  социјални медиуми, турските серии…па жените си велат „постои можност да го оставам и да имам друг живот“. Можеби делува чудно, но ние сме општество кое уште е во фаза на ослободување на многу работи кои порано беа табу.“, подвлече психологот.
Стручните лица секогаш нагласуваат дека од разводите најмногу страдаат децата.
„Деца од разведени родители и од комплетно семејство не се исти. Тие деца имаат внатре во себе мака, како прво имаат потиснат бес, агресија. Тоа доаѓа од чувство на неправда, дека животот од старт им направил неправда, дека ги немаат покрај себе двајцата родители.“, појаснува Карахасан.
Анализи направени на државно ниво пкажуваат дека секој седми брак завршува со развод.

Извор