Рангелова објасни дека во „бомбата“ Јанушев за неа кажува дека ќе и удри бокс

Досегашната пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова, во вечерашното гостување на ТВ24, изјави дека боксот кој го споменува генералниот секретар на партијата, Игор Јанушев, во една од предизборните „бомби“ бил наменет за неа.

„Со Јанушев имав исклучително лоша соработка додека бев претседателка на Унија на жени. Соработував со Емил Димитриев и со други генерални секретари, но вакво лошо искуство како со Јанушев не сум имала, бидејќи, не сакам да навредам никого, но Јанушев имаше непочитување кон Унијата на жени. Откако јас се повлеков, жените членки беа поттргнати на страна, се изгубија ингеренциите на жените. Сè се правеше жените да имаат помалку права во партијата и тоа може да се види по резултатите од овие избори, каде ВМРО-ДПМНЕ сега има помалку пратенички отколку во претходниот состав“, вели Рангелова.

Рангелова уште зборуваше дека со Јанушев немала добри односи, дека кога тој станал генерален секретар на партијата го поместил влијанието на жените во ВМРО-ДПМНЕ и ја умртвил Унијата на жени. Затоа, според неа, сега има помалку жени пратенички од нејзината партија во новиот парламент.

- Реклама -