„Изјавата на Каракачанов е сериозна, но и апсурдна“, оцени аналитичарот Исмет Рамадани во гостувањето во „Само вистина“ на „Канал 5“, бидејќи, како што рече, и двете земји се членки на НАТО.
Тој посочи дека постојат правила меѓу сојузниците поради кои вакви изјави не се прифатливи. Вели дека очекува реакција од седиштето на НАТО, па дури и од генералниот секретар Јенс Столтенберг:
„Би требало да има реакција затоа што ако упатиш ваква закана кон земја сојузник тоа веќе ги надминува сите граници на однесување помеѓу членките на НАТО“, рече Рамадани, пренесува „Локално“.
Според него, оваа и сличните изјави на Каракачанов се наменски, односно му се за внатрешна употреба, бидејќи според анкетите тој се соочува со неуспех да влезе во владата на претстојните избори и со тоа повеќе да не биде никаков фактор.
Македонската Влада, инаку, не испрати протестна нота до Бугарија за изјавата на нивниот вицепремиер и министер за одбрана. Наместо тоа, Каракачанов „помина“ со вербален прекор, упатен главно преку неговата колешка од македонска страна – Радмила Шекеринска, како и од новиот портпарол на Владата – Душко Арсовски. Арсовски ја осуди изјавата нарекувајќи ја „недостојна и недолична“, особено во комуникација меѓу две земји сојузници во НАТО.
„Веруваме во решенија и убедени сме дека земја сосед која прва ја призна независноста и беше промотор на патот на интеграцијата кон НАТО и ЕУ нема да помисли да го оспорува правото на идентитетско самоопределување на пријателскиот македонски народ. Може само да изразиме оптимизам дека тоа не е став на мнозинството граѓани и на академската заедница во Бугарија“, рече Арсовски, па упати на коментарот на Шекеринска, која порача дека поминало времето кога некој таквите изјави ги сфаќа сериозно и го потсети Каракачанов дека граѓаните ги плаќаат за да им ја гарантираат безбедноста.
Во гостувањето во „Само вистина“, Рамадани оцени дека одговорот на Шекеринска бил на ниво, но додаде и дека министерката и премиерот треба да поразговараат за ова и со седиштето на НАТО и генералниот секретар на Алијансата.