Рама од Брисел: Срамно е што една членка на НАТО киднапира две земји сојузнички

Срамно е што една земја членка на НАТО – Бугарија, киднапира две други земји членки на НАТО – Албанија и Северна Македонија, во време на жестока војна во дворот на Европа, изјави денеска албанскиот премиер Еди Рама пред почетокот на Самитот ЕУ – Западен Балкан.

Тој истакна дека Албанија не се чувствува како жртва на овој процес, бидејќи како што нагласи, секогаш ќе има по некоја Бугарија „овде или онде“ што може да блокира.

„Во исто време ние не го менуваме нашиот курс. Она што треба да го правиме е да продолжиме да ја градиме Европа дома“, изјави Рама, додавајќи дека можеби ова е нов ден за Европа, но не и за Бугарија.

Тој нагласи дека во сегашната ситуација иницијативата „Отворен Балкан“ е вистинското решение за регионалната соработка и дека таа останува отворен за сите што сакаат да се приклучат кон неа.

„Ние ќе продолжиме на европскиот пат затоа што нема друга алтернатива, но европскиот дух мораме да го градиме во нашиот регион“, истакна Рама, додавајќи дека независно од тоа што ќе се случи денеска, Албанија ќе продолжи да ја одработува својата задача и да ги спроведува реформите не затоа што тоа го бара Брисел, туку затоа што тоа го бараат албанските деца.

Во однос на доделувањето на кандидатскиот статус на Украина, Рама рече дека Северна Македонија веќе 17 години е земја кандидат за членство, а Албанија е осум, потенцирајќи дека добивањето кандидатски статус е добра работа, но им порача на украинските граѓани да немаат многу илузии.

МИА

- Реклама -