Рама: Јас сум католик, сопругата ми е муслиманка, двете деца ни се православни а малиот можеби ќе се декларира Евреин

Албанскиот премиер Еди Рама синоќа одржа говор на Универзитетот Џорџтаун во Вашингтон, при што зборувал и за своето семејство, што инаку ретко го прави, а со цел да им покаже на студентите дека Албанија коегзистира со многу верски заедници.

„Би сакал да го пренесам примерот на моето семејство. Јас сум католик, мојата сопруга – муслиманка, нашите две повозрасни деца од првите бракови се православни. Ние имаме едно малечко детенце, што може да се реши да стане Евреин, нему му останува да ја донесе одлуката. Го споменувам овој пример бидејќи ова е наследството што го има Албанија“, рекол Рама.

Во тој контекст Рама укажал и на примерот со албанските граѓани кои за време на Втората светска војна не дозволиле ниту еден нивен сограѓанин Евреин да биде однесен во злогласните логори, но исто така и на последниот пример – Албанија и прифаќањето на Авганистанците, за кои посочил дека можат да останат „колку сакаат“, а доколку сакаат – „и засекогаш“.

Во обраќањето, Рама, во свој стил, малку и се пошегувал, на своја сметка, опишувајќи се себеси како сликар кој никогаш немал шанса да стане академик, иако извесно време бил професор.

Извор: МИА

- Реклама -