Рама: Изборот на Трамп е шанса за Европа

Рама: Изборот на Трамп е шанса за Европа

Албанскиот премиер Еди Рама, говорејќи на безбедносната конференција во Минхен за време на панел-дискусијата „Проширување на ЕУ“, изјави дека евентуалниот избор на Доналд Трамп за претседател на САД би можел да се смета за „најдарежливиот божји чин кон ЕУ“.

Тој истакна дека овој развој на настаните треба да послужи како повик за будење на Европа и поттик за да престане да биде „толку самореферентна“.

„Ако Трамп победи, тоа ќе биде најголемиот божји дар за Европа, бидејќи ќе имаме можност конечно да се разбудиме и да сфатиме дека не можеме вечно да се држиме до нашите внатрешни дилеми. Европа треба да остане верна на своите вредности и принципи, но тоа не значи дека мора да поставува услови за пријателство со другите. Треба да научиме да функционираме и со оние што имаат поинакви вредности и ставови за животот,“ изјави Рама.

Тој нагласи дека Европа, освен што треба да размислува за своите вредности, мора да се фокусира и на зајакнување на економската моќ и конкурентноста. „Ако не можеме економски да се натпреваруваме, тогаш нема да можеме да направиме ништо значајно“, додаде тој.

Во своето излагање, Рама исто така го спомена Западен Балкан, истакнувајќи дека во овој момент регионот нуди големи можности за Европа и глобалниот пазар.

Овие изјави доаѓаат во време на зголемена неизвесност околу претстојните американски претседателски избори, додека Европа сè повеќе бара начини да ја зајакне својата стратешка автономија во време на геополитички предизвици.