„Не се работи за нас, туку за самата Европска унија. Но, ќе повторам, не сум загрижен и не губам сон околу ова, искрено, бидејќи имам многу други многу поважни работи на кои да губам сон“, истакна албанскиот премиер Еди Рама по заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев во рамки на Скопскиот економски форум, одговорајќи на новинарско прашање за изостанувањето на одлука за почеток на преговорите на Албанија со ЕУ.
„Она што е фундаментално е дека ние ја сработивме нашата работа и тие тоа го рекоа, и за нас, и за Северна Македонија, тие рекоа дека сме ја сработиле нашата работа. И тоа е сѐ. Јас ќе продолжам да ја работам својата работа, бидејќи работата не е завршена, а тогаш кога ќе бидат подготвени, тие нека нѐ известат.
Но, предизвикот за нас е да изградиме европски држави, европски институции, европски стандарди, економски и социјални, тука – во Албанија, во Северна Македонија и на Западен Балкан, бидејќи тоа е она што нашите деца го бараат и она што нашите земји го заслужуваат.
А тогаш, ако (ЕУ) решат дека сакаат да одат чекор напред во процесот, ние ќе бидеме многу, многу среќни. Ако не решат, искрено, не сум несреќен. Едноставно е“, истакна Рама.
Прашан за бугарското вето, на кое Албанија е колатерална штата, Рама вината ја посочи речиси целосно кај Европската унија.
„Не би рекол дека бугарскиот став е во прашање. Секоја земја членка во ЕУ може да има свои сопствени моменти на дисконекција со остатокот од ЕУ семејството. Но, како што рече Зоран (Заев), овде не се работи за Северна Македонија и за Европа, туку за Северна Македонија и Бугарија. Многу едноставно“, рече премиерот на Албанија, оценувајќи го ветото од Бугарија поради кое Албанија е колатерална штета, како „впечатливо доживување“.
Рама повтори дека Западен Балкан, во случајов Албанија и Македонија, да седат со скрстени раце и да чекаат зелено светло од Брисел.
„Мислам дека Зоран и јас сме меѓу најредовните консументи на Семјуел Бекет… Чекајќи го Годо. Но, спротивно од ликовите на Семјуел Бекет – Владимир и Естрагон, ние баш и не чекаме. Ние одиме напред и продолжуваме да туркаме и туркаме, за да го направиме животот на нашите луѓе и животот на нашите земји подобар и да ги направиме Северна Македонија и Албанија европски земји, со стандарди на земја членка.
Така што, што друго можеме да направиме? Ја сакаме Европската унија, ги сакаме сите нив и тие велат дека нѐ сакаат нас, но не се подготвени за брак. Во ред е, ние ќе уживаме во нашата слобода додека не се земеме“, се пошегува Рама.
Заев се надоврза дека целосно се согласува со Рама и дека недобивањето датум за преговори, покрај за нас, особено не е фер кон Албанија, бидејќи, како што истакна, почетокот на преговорите е само следниот чекор во интеграцијата, а не и конечен чекор за членство.
„Знаеме дека утре нема да станеме членки. Ќе ни требаат 5, 15, 17 години. Се работи за тоа да нѐ држат мотивирани да ја продолжиме европеизацијата преку европските процеси, преку поглавјата и новата методологија. Бидејќи идејата е да се европеизира Албанија, да се европеизира Северна Македонија. А кога ЕУ ќе биде подготвена и ние ќе сме подготвени, во ред, еден ден ќе бидеме земји членки“, рече премиерот Заев.
„Да се бара праведност (fairness) од процесот на евроинтеграција е како да се бара среќен крај од Семјуел Бекет. Невозможно е“, дофрли Рама.