„Што и да се случи или да не се случи во Брисел, ние сме многу одлучни да продолжиме со сите сили да ја растеме економијата, да ја зголемиме благосостојбата, да ја зголемиме гордоста и силата на достоинството на нашите народи“, порача премиерот на Албанија – Еди Рама, во заедничката изјава со премиерот Зоран Заев во рамки на Скопскиот економски форум.
Рама истакна дека ЕУ може да одредува задачи, рокови и датуми за интеграцијата, но дека ЕУ не може да ја одреди ниту местоположбата на нашите две држави среде Европа, ниту нашата култура и нашиот европски идентитет, ниту иднината на нашите народи како европски народи во европското семејство и во европски држави, со политички, институционални и економски европски стандарди.
„Албанија го направи својот избор уште во времето на Ѓерѓ Кастриот и го потврди повторно својот избор уште од ерата на националната преродба. За Албанците сонцето изгрева таму каде што заоѓа, а нашата иднина е таму каде што Бог одредил да имаме своја земја, во срцето на Европа“, рече Рама.
Тој истакна дека во овој поглед имаат мала, непроблематична разлика со македонскиот колега Заев, бидејќи, како што рече, тој (Рама) смета дека не се случи ништо друго освен тоа што ЕУ повторно потфрли да го одржи ветувањето, да остане посветена на аганжманот и да биде на вистинскиот став.
„Животот продолжува и напредокот ќе продолжи со сите сили, затоа што тој не е наметнат однадвор, туку е наметнат од нас внатре“, категоричен е Рама. „Регионалната соработка ќе продолжи со сите сили и со сите држави од Западен Балкан кои се подготвени да туркаат напред безрезервно, затоа што овој регион е опкружен со границите на ЕУ и, ако ние не можеме да го смениме начинот на кој функционира ЕУ во однос кон нас, ние може и треба, следствено, да го менуваме начинот на нашето функционирање едни кон други. И топењето на границите меѓу нас е за да го претвори нашиот регион во простор на целосна имплементација на четирите слободи на ЕУ: слобода на движење на луѓе, слобода на движење на стоки, слобода на движење на услуги и капитал.
Тоа ќе продолжи без запирање, бидејќи ние сме премногу мали да имаме силни економии останувајќи одвоени едни од други, но ние сме доволно големи ако едни со други го претвориме регионот во еден заеднички економски простор“, рече премиерот на Албанија.