Ралф Лорен за прв пат ангажира покрупна манекенка

Модниот бренд Ралф Лорен, познат по фаворизирањето на претерано слабите модели и дополнителна обработка на фотографиите во Фотошоп, за прв пат одбра крупна манекенка за заштитно лице на рекламна кампања.

Ангажирањето на бринетата Робин Лоули, која по мерилата на модната индустрија има неколку килограми вишок, претставува обид на компанијата да ги сруши предрасудите за тоа што е убаво, а што не е.

Австралијката Лоули (23), која носи конфекциски број 42, досега позирала за италијански „Вог“, француски „Ел“ и многу модни списанија од родната земја.

Манекенката, која, исто така, го рекламираше луксузниот бренд за долна облека „Boux Avenue“, за колекцијата на брендот позира во есенска комбинација со кошула, џемпер, темни панталони и кожени чизми.

Со манекенството почнала да се бави од 16 години. На почетокот била под строг режим на исхрана, вклучувајќи секакви ригорозни диети за да се вклопи во саканите рамки на модната индустрија, но за време на студиите во Франција добила неколку килограми и сфатила дека така се чувствува убаво.

– Престанав да сонувам за манекенска кариера. Повторно се вљубив во храната и бев подебела од кога било. Тогаш сфатив дека во светот постојат многу крупни модели и знаев дека тоа сакам да го работам – изјавила Лоули во емисијата Good Morning America.

Робин ја одржува фигурата пливајќи три пати неделно и вели дека не ја интересира што луѓето мислат за нејзиниот изглед. Моментно живее во Њујорк со своето момче Иван Шмит.

Кога станува збор за кампањата на Ралф Лорен, манекенката се надева дека ќе ја промени свеста како кај купувачите, така и кај дизајнерите, за тоа кој физички изглед е навистина убав и здрав.

- Реклама -