Ракометна изјава што ни важи исто како да сме Срби и Хрвати

Искрено, Франција е светлосни години пред нас, но сепак и тие ракометари имаат свои слабости. Тоа го видовме на претходните натпревари и ќе се обидеме да ги искористиме. Она што е најважно е тоа дека од трибините очекувам голема поддршка од браќата Хрвати“, изјави селекторот на српската ракометна репрезентација Јовица Цветковиќ пред натпреварот со Франција, очекувајќи дека со поддршка од трибините во Загреб неговите ракометари ќе можат да му парираат на актуелниот светски шампион.

Од насловот веќе знаете дека ова не е статија за ракомет. Не, ова е за бурните реакции кои овој коментар ги предизвика во јавноста и на социјалните мрежи, и кај едните, и кај другите. Демек како можел, па знаел ли он што збори, заборавил ли што се случило и слично…

Но Цветковиќ им врати. Им врати дека многу добро знае што зборува, и дека проблемот е во тие што не го зборуваат истото:

„Гледам дека мојата изјава предизвика бурни реакции на сите страни, но знам што реков без трошка каење. Она што го реков, тоа и го мислам. Четириесет години живеевме како браќа, помешана крв, заеднички слави, Божиќ и Бајрам. Ни беше убаво. Ја кажав вистината што не смее да се каже. Дали ќе молчиме и ќе покажеме дека сме мртви, само не сме свесни за тоа, чекаме да ни кажат? Сакаме ли на нашите деца во следните 40 години да им оставиме погроми, бури, колење, или ќе покажеме дека постоиме, давајќи им дел од нашето среќно детство, кога не знаевме за разлики меѓу луѓето? Сакаме ли да ги оставиме во гетата на малите држави или да ја отвориме широчината на нашето минато кога сите патишта во светот ни беа отворени? Дали ќе се задоволуваме што вакви мали, ништожни, слепи, го претставуваме нужникот на Европа? Не, не би требало да забораваме, но треба да простуваме поради иднината која за нашите деца на овие простори зависи само од нашата свест. Баш ми е гајле за сите оние политики кои нé делат, и за сите великосрби, великохрвати, великобошњаци, великоалбанци, кои на нашите и на своите деца им копаат гробови…“

- Реклама -