Директорката на КАРИЛ – Маја Мојсова, вечерва потврди дека хрватскиот ракометар Денис Тот бил донесен на Клиниката без видливи траги на насилство. Трагите, како што рече, не биле видливи поради немање циркулација, не се забележани модринки, скршеници или повреди на ребра.
Мојсова во 24 Анализа појасни дека е констатирано оти пациентот бил без срцева реакција, без притисок и без сатурација. Тот, напомена, бил донесен практично мртов. Спасувањето траело околу 15 минути и било неуспешно, сѐ до последен момент кога е добиена срцева реакција.
„Во координација со дежурниот анестезиолог е решено да се направи компјутерска томографија. Брзата помош го најавува пациентот во Ургентниот центар како пациент кој е животозагрозувачки со некоја пулсна фреквенција на срцето која е спорна зошто срцето работи автоматски и во извештајот се вели без видливи повреди на телото“, објасни Мојсова.
Директорката на КАРИЛ заклучи дека последниот збор во врска со смртта на хрватскиот ракометар ќе го има извештајот од Институтот за судска медицина и криминалистика.