Радикални мерки за радикални времиња: Кузњецова си го исече репот среде меч

haircut

Заостанувајќи еден брејк во последниот сет против Агњешка Радвањска, и притоа максимално исцрпена, тениската ѕвезда Светлата Кузњецова седна на своето столче, извади ножици од торбата и го направи потегот на мечот – си го исече репот. Оттогаш како да ѝ падна камен од плеќи.

Русинката се врати од негатива од меч поен, и ја совлада Радвањска со 2-1 во сетови (5-7, 6-1, 7-5) во мечот по групи на завршниот турнир за 8-те најдобри тенисерски во светот.

„Имаше моменти кога бев подготвена да се предадам и само да легнам на теренот и да дозволам да ме изнесат оттаму. Но се трудев да останам и да издржам“, рече 31-годишната Русинка во интервјуто по мечот во Сингапур, откако за ВТА турнирот се квалификуваше во последен момент освојувајќи ја титулата во Москва во сабота. Во меѓувреме, Кузњецова леташе 8.000 километри за да се соочи со Радвањска.

Косата или мечот?

„Играјќи поен за поен“, одговори Кузњецова на прашањето како успеала да победи на само 48 часа од нејзината победа на домашно тло. На прашањето за косата пак, објасни дека ѝ пречела да игра:

„Се обидував да ја врзам во стегачот, но мојата коса е многу густа и тешка. На крајот, кога ги удирав форхендите, секогаш кога ќе вратев добар удар… косата ме удираше во окото и се борев. Си помислив ‘ок, што е поважно сега – косата, која можам да ја пораснам, или мечот?’ “

Кузњецова изгледаше толку исцрпено на почетокот на третиот решавачки сет, што се чинеше дека е на работ да заплаче. Притеснета во бекхенд аголот, и со сé поизморен израз, изгледаше дека ѝ го отвора патот на Радвањска до победата, особено кога ѝ дозволи ран брејк.

Но тогаш, на 2-0, Русинката ја скрати косата и израмни на 2-2. Потоа се најде во негатива од 4-2, но пак израмни на 4-4. Сепак, Радвањска поведе со 5-4 и сервираше за меч, но лошиот бекхенд на првиот меч-поен ѝ ја запечати судбината, овозможувајќи и на тазе шишаната Кузњецова да го извојува брејкот и да победи.

- Реклама -