Бугарскиот претседател Румен Радев денеска имал телефонски разговор со премиерот на Грција – Кирјакос Мицотакис. Теми на разговорот, според неговиот кабинет, биле евроинтеграцијата на Западниот Балкан, билатералното партнерство на Грција и Бугарија, како и соработката во борбата со пандемијата во двете држави.
Како што се вели во соопштението, и Мицотакис и Радев имале заедничка позиција дека политиката на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан е реална инвестиција во стабилноста на регионот.
Затоа, потребна е непоколеблива поддршка за спроведување на неопходните реформи во земјите-кандидати при исполнувањето на Копенхагеншките критериуми за приклучува во ЕУ, истакнал Радев, посебно потенцирајќи ги добрососедските односи.
„Градењето вистински односи на добрососедство е најбезбеден и најбрз начин да се постигне полноправно членство во Европската унија“, рекол Радев во разговорот.
Радев и Мицотакис, заедно со премиерката на Финска – Сана Марин, претседателот на Литванија – Гитанас Науседа и премиерот на Малта – Роберт Абела, денеска имале и видеоконференциски разговор со претседателот на Европскиот совет – Шарл Мишел. Како што велат од кабинетот на Радев, предмет на разговор биле теми од дневниот ред на ЕУ, како и претстојната вонредна седница на Европскиот совет која ќе се одржи на 24 и 25 мај, каде Бугарија ќе ја претставува токму Радев. Во соопштението не се наведува дали Македонија и блокадата од страна на Бугарија биле меѓу темите на разговор.
Премиерот Зоран Заев, пак, без да открива детали, претходно сподели дека Мицотакис имал одреден план за „омекнување“ на Бугарија за да даде зелено светло за почеток на преговорите.