Радев: Северна Македонија треба да работи на учебниците, медиумите, телевизиите и сето она што нè разделува

„Европската унија е силна само кога се слуша гласот на секоја држава-членка за нејзиното управување и при донесувањето на решенија. Затоа предизвиците пред бугарската дипломатија бараат консолидација, координација и исклучително добра комуникација“, рече вчера бугарскиот претседател Румен Радев пред шефовите на бугарските дипломатски мисии во странство, на годишниот состанок на амбасадорите на Република Бугарија, а воедно и одбележување на 140-годишнината од постоењето на бугарската дипломатска служба.

„140 години бугарската дипломатија го брани националниот интерес и придонесува за просперитетот на државата”, истакна Радев и им се заблагодари на бугарските дипломати за нивната посветеност во работењето за Бугарија.

Во дел од обраќањето, Радев зборуваше и за односите со Северна Македонија.

Бугарија е фактор на стабилност во регионот на Југоисточна Европа, посочи Радев и го истакна придонесот на Бугарија во европската перспектива на соседните земји од Западен Балкан, како и развојот на партнерството со Република Турција. Тој со висока оценка ги оцени позитивните промени во билатералните односи со Република Северна Македонија во последниве години.

„Билатералниот договор за пријателство и добри соседи ја отвори вратата за нашиот југозападен сосед кон НАТО и ЕУ, а Бугарија мора да продолжи да биде еден од најактивните поддржувачи на нејзината европска интеграција. Меѓутоа, мора да биде јасно дека нашата поддршка не е безусловна и безрезервна“, рече Радев, повикувајќи на чесност во билатералниот дијалог и јасни „црвени линии“ околу историските факти и историја.

Според Радев, конфронтацијата меѓу двете земји е надмината. Тој неофицијално најави и посета на македонскиот претседател Стево Пендаровски на Бугарија во септември.

„Нашиот југозападен сосед се стреми кон ЕУ и затоа треба да ги исполнува договорите за добрососедски односи. Има работа и во учебниците, книгите, медиумите, издаваштвата, телевизиите, сè додека сето тоа што нè оддалечува не се исчисти“, рече Радев. „Раните не се зараснати, а личните емоции не помагаат“, додаде тој, пренесуваат бугарските медиуми.

 

 

 

- Реклама -