Радев: Патот на Македонија до ЕУ води преку уважување на историските факти

Бугарија сака и работи на тоа веќе во декември Северна Македонија да е полноправен сојузник во НАТО, а во јуни да започнат и преговорите за членство во Европската унија, изјави бугарската министерка за надворешни работи – Екатерина Захариева на средбата со македонскиот колега Никола Димитров кој денеска беше на посета во Софија.

Сепак, за такво нешто, особено за пристапување во ЕУ, Македонија ќе треба да ги извади „политиката и идеологијата“ од своите учебници по историја, порача бугарскиот претседател Румен Радев, кој по Захариева исто така се сретна со Никола Димитров.

„Градејќи пријателство базирано на вистината, да го направиме такво што ни најсилната бура нема да може да го разруши“, порача Захариева.

Димитров, од своја страна, потврди дека треба да се поправат сите допуштени историски грешки меѓу Бугарија и Северна Македонија, со цел пријателството меѓу двете држави да се постави на здрави нозе, но и на начин што и следните влади би биле пријателски настроени, пренесуваат бугарските медиуми.

Зборувајќи за заедничката македонско-бугарска комисија, во која бугарската страна очекува промени во македонските историски учебници и наставна програма, Захариева оцени дека веќе е направен значаен резултат.

„По 80 години спротивставености и поделби, ние за 21 месец имаме толку многу (заеднички историски) чествувања и комисијата веќе започна да дава резултат. Комисијата треба да препорача промена на наставните планови, бидејќи е многу важно да ги учиме децата на вистината“, порача таа.

Прочитајте и:  Тензично пред Народниот театар во Софија: Претставата на Малкович го исмејува бугарскиот народ

„Позитивната промена во меѓусебните односи со потпишувањето на Договорот за добрососедство треба да биде зацврстена со отстранувањето на политиката и идеологемите од учебниците по историја на нашиот западен сосед. Најкраткиот и најглаткиот пат на Северна Македонија кон постигнувањето на полноправно членство во Европската унија е уважувањето на историските факти“, порача бугарскиот претседател.

Според него, луѓето од двете страни на границата се поврзани со заедничка историја од над 1.000 години, а политичарите од двете земји треба да вложат напори за надминување на „вештачките поделби од блиското минато“.

Димитров, пак, го истакна големото значење на ратификацијата на протоколот за пристап на Северна Македонија во НАТО од страна на бугарскиот парламент. Тој се заблагоради на помошта од Бугарија во тоа Македонија да започне да ги решава проблемите. „Ние реално отворивме нова страница… Имаме интерес да сме многу блиски со Бугарија. За тоа се потребни мудрост и визија“, порача тој.

Претходно, во гостувањето на бугарската бТВ, Димитров потврди дека Македонија и Бугарија имаат многу заеднички историски моменти, и оцени дека тоа е добро – дека е предуслов за блискост, а не за конфликти.

„Поради името бевме заглавени во чекалната на ЕУ и НАТО и затоа најдовме начин да го промениме тоа, но ние сепак остануваме исти по идентитет – ние сепак сме Македонци“, додаде тој.

 

 

- Реклама -