Радев: Инсистирањето на Русија е неприфатливо и бесмислено, Бугарија не прифаќа ултиматуми од никого

Инсистирањето на Русија за повлекување на силите на НАТО од Бугарија (и Романија, н.з.) е неприфатливо и бесмислено. Во Бугарија нема постојани сојузнички контингенти и воена опрема“, изјави денеска бугарскиот претседател Румен Радев за барањето на Москва за „повлекување на странските сили, опрема и оружје и други мерки за враќање на ситуацијата од пред 1997 година во земјите кои тогаш не беа членки на НАТО“.

Радев потенцираше дека суверената одлука за такво постојано присуство или привремено распоредување ѝ припаѓа единствено на Бугарија, во согласност со сојузничките обврски на земјата.

„Бугарија не прифаќа ултиматуми од никого“, категоричен беше тој.

Истата порака ја упати и бугарскиот премиер Кирил Петков, кој пред бугарското Национално собрание порача дека неговата земја сама одлучува каква политика ќе води во рамките на членството во НАТО.

„Бугарија е суверена држава и одамна го направи својот избор да биде дел од НАТО“, подвлече тој.

„Договорот од Вашингтон не предвидува втора категорија на земји-членки за кои колективната одбрана е селективна или ограничена“, рече Петков, и ја повика Руската Федерација да остане посветена на конструктивен дијалог за деескалација на тензиите и да работи за побезбедна Европа врз основа на владеење на правото и строго спроведување на меѓународните правни обврски.

Ваквото барање на Москва го отфрли и официјален Букурешт.

„Таквото барање е неприфатливо и не може да биде дел од предмет на преговори“, порача романското МНР. Изјавите на Лавров, романските власти ги „отфрлија“ како „несоодветни и неосновани“.

Прочитајте и:  Џонсон: Време е на Украина да и се дозволи да се приклучи кон НАТО , без да се чека крајот на војната

Руските барања за повлекување на силите од Романија и Бугарија ги отфрли и НАТО.

Алијансата, сепак, продолжува со дипломатските напори за спречување на војна во Европа, откако Русија собра десетици илјади војници во близина на границите на Украина.

„НАТО нема да се откаже од нашата способност да се заштитиме и браниме меѓусебно, вклучително и со присуството на војници во источниот дел на Алијансата“, изјави портпаролката на НАТО – Оана Лунгеску, за побараните правно обврзувачки гаранции од НАТО дека блокот ќе го запре своето проширување и ќе се врати на своите граници од 1997 година.

„Ние отфрламе каква било идеја за сфери на влијание во Европа. Секогаш ќе одговориме на секое влошување на нашата безбедносна средина, вклучително и преку зајакнување на нашата колективна одбрана“, порача Лунгеску.

„НАТО е буден и продолжува да ја проценува потребата од зајакнување на источниот дел на нашата Алијанса“, додаде таа.

Според бугарскиот експерт за одбрана – проф. Тодор Тагарев, барањето на Русија не е изненадувачко, туку е дел од бранот барања на Кремљ во последните недели и месеци кои се на линија на агресивен говор, а ја продолжува рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Според него, корисно би било да се одржи Консултативен совет за национална безбедност кај претседателот на Бугарија на тема за барањето на Русија за повлекување на трупите на НАТО од Бугарија и Романија.

Извор: МИА

- Реклама -