Радев: Бугарите во Уставот како задолжителен услов за почеток на преговори, не е мешање во внатрешните работи

Бугарскиот претседател Румен Радев денеска повторно побара „јасни гаранции“ за почитување на правата на Бугарите и заштита на бугарското културно и историско наследство во земјава, и тоа како услов за започнување на преговорите за членство на земјава во ЕУ.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, ова Радев го изјавил на средбата со претставници на здруженијата на Бугарите од земјава, при што додал дека „Бугарија високо ги вреднува врските со Северна Македонија и со нејзините сонародници во неа“.

„Пред да се отвори вратата за преговори, треба да се види јасен и одржлив процес на искоренување на говорот на омразата. Бугарија сериозно ги сфаќа проблемите на македонските Бугари и високо го цени нивното мислење како побрзо Северна Македонија да го постигне членството во ЕУ“, рекол Радев.

Како што посочил тој, тргањето на страна на политичките проблеми, порано или подоцна, ќе доведе до блокирање на процесот на европска интеграција на Македонија, иако, како што рекол, Бугарија категорично не го сака тоа.

„Јас барам да има јасни гарации и одржлив процес на европската интеграција на Република Северна Македонија. Бугарија е земјата којашто сака тоа да се случи најмногу“, додал Радев, потенцирајќи дека впишувањето на Бугарите во нашиот Устав, освен што ќе доведе до гарантирање на нивните права, треба да биде и задолжителен услов за давање согласност од страна на Бугарија за почеток на преговорите.

Според Радев, тоа во никој случај не е мешање од страна на Бугарија во внатрешните работи на земјава, туку „загриженост и поддршка за нејзиниот одржлив пат кон членството во ЕУ“.

МИА

- Реклама -