Раде Шербеџија ќе снима филм за ослободување на Скопје

Во септември почнува со снимање новиот македонски филм „Ослободување на Скопје“, на чело со проврената актерска екипа Раде Шербеџија и Силвија Стојановска. Светската слава и успехот на истоимениот драмски текст на Душан Јовановиќ, се главен поттик за создавањето на овој филм.

„Таа тема за невозможната љубов помеѓу германец, окупатор за врме на Втората светска војна и една македонска млада жена е многу прифатена во светот каде и да ја имаме играно, а сме ја играле секаде низ светот“ рече Раде Шербеџија.

Филмот ќе се снима главно на локации  во Битола, Велес и Скопје, со поддршка од македонскиот филмски фонд. Според министерката Елизабета Канческа-Милевска,  „Ослободување на Скопје“ посебно ќе ги прикаже природните убавини на Македонија.

„Сценариото на филмот е адаптација на истоимениот драмски текст на Душан Јовановиќ кој со голем успех е прикажуван низ целиот свет. Филмот ќе се снима на македонски јазик и во него до израз ќе дојдат македонскиот сензибилитет, музика, архитектура, нашите природни убавини“, рече министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска.

На филмот ќе работи целосно македонска екипа,  под водство на Раде Шербеџија кој своето македонско државјанство го опиша како природен процес. Филмската приказна за ослободувањето на Скопје ќе биде готова  кон средината на следната година.

- Реклама -