Работник на бензинска открива мала тајна поради која сите плаќаме повеќе отколку што добиваме

Како што пренесува српскиот Telegraf.rs, еден поранешен работник на бензинска пумпа открива дека на одредени пумпи се заштедува гориво кое купувачите го плаќаат, а не го добиваат, и најважно – тоа не го забележуваат.

Не може со полно право да се рече дека е измама или трик, ама може да се рече дека е премолчена вистина (ако е вистина, се разбира). Имено:

„Не е во прашање измама, туку прост механизам. Ни доаѓа возач и, на пример, купува 10 литри гориво. Кога пумпата ќе ги испушти тие 10 литри, таа престанува, но во цревото секогаш останува дел од течноста која под тој агол не може да се источи во резервоарот. Луѓето го враќаат цревото, без воопшто да забележат“, открива извесен Марко М. за порталот.

Вели дека обично не се работи за голема количина – најмногу децилитар, два. Ноќе, или во текот на денот кога не е прометно, вели Марко, вработените по секое полнење гориво таа останата течност ја точат во посебни канистри кои ги чуваат баш за таа намена.

„Секој ден се наточува фина количина, која потоа вработените ја делат меѓу себе“, вели тој.

Иако за повеќето купувачи ова е мала количина и не забележуваат, сепак има и такви со поостро око, кои инсистираат да ја добијат секоја капка што ја платиле.

Марко раскажува како една вечер, откако клиент наточил гориво и заминал, а неговиот колега го извадил канистерот за да го исцеди остатокот, возачот случајно се вратил по нешто друго и забележал што всушност се прави.

„Човекот ја сфати цаката, а бидејќи живееше во близина и само кај нас точеше гориво, следните неколку пати носеше со себе и мал канистер во кој сам го точеше остатокот од бензинот. Го носеше канистерот во гепекот и го дополнуваше така уште неколку пати. На работниците не им одговараше да се шири приказната, па добивме инструкции следниот пат да му речеме дека кај нас е дозволено горивото да се точи само во резервоар. Тој се противеше и расправаше, но на крајот замина со празни раце. Веќе не го видовме, претпоставувам дека својот канистер го однесе на некоја друга пумпа“.

По ваквите „обвинувања“ во српската јавност, се огласи и претседателот на Српската организација на потрошувачи – Горан Паповиќ. Тој се сомнева дека ова воопшто се случува.

Тој тврди дека тој остаток, за кој некои тврдат дека останува во цревото, е во толку мала количина, што нема техничка можност да се собере некаква позначајна количина. „Мислам дека е невозможно така мала количина да се извлекува од цревото секој пат“, вели тој.

Сепак можно е, според него, да се задржи остаток во резервоарот на пумпата, па порано или подоцна вработените тој остаток да го источат, но тоа е веќе друга приказна.

„Секаде во светот се точи гориво и ако некој го крадеше она што останува во цревото, некој ќе забележеше. Секое броило на бензинската пумпа е поврзано со компјутер, и секаде се контролира истекувањето на горивото. Единствен начин на кој може, ако таков остаток остане, да се источи од резервоарот, е ако вработените знаат колкава е таа разлика во однос на прораденото гориво. Но тоа од цревото не може да биде земено, во никој случај“, објаснува Паповиќ, додавајќи дека купувачите можат да бидат измамени „покрадени“ само ако уредот е неисправен и покажува дека е наточено повеќе гориво отколку што навистина е.

- Реклама -