Работната група за уставни измени одржа конститутивна седница, претседател ќе биде Цаца Николовска

Работната група задолжена за подготвување на предлог иницијативата за „потребата од измени на Уставот“ денеска одржа констититутивна седница.

Како што соопшти Министерството за правда, членовите едногласно избрале претседател и заменик-претседател на работната група, кои се од редот на експертите. За претседател избрана е Маргарита Цаца Николовска – поранешен судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, а за заменик претседател Бајрам Положани – поранешен судија во Уставниот суд и професор по уставно право.

Предлагач на уставните измени е Владата, која го задолжи Министерството за правда да формира работната група. Работната група ќе има за задача да ја подготви предлог иницијативата за потребата од измени на Уставот, a по изготвувањето предлогот ќе биде доставен до Владата која ќе треба да ја поднесе иницијативата во Собрание. Предлогот ќе ги помине сите работни тела во рамките на Собранието.

Прочитајте и:  Кос: Ќе работам на тоа билатералните прашања да не се увезуваат во процесот на проширување

Работната група има 23 членови од кои десет се од редот на експертите, десет се предлози на политички партии и тројца се членови од институции – Кабинет на претседател, МНР и СЕП.

Министерот за правда Кренар Лога и неговата заменичка Викторија Аврамовска Мадиќ им посакаа успешна работа на членовите на работната група и им порачаа дека ова е историска шанса за остварување на нашата стратешка цел, членството во ЕУ, се наведува во соопштението на МП.

Премиерот Димитар Ковачевски, прашан за очекувањата од работната група, рече дека не сака да се меша во нејзината работа, но изрази увереност дека таа ќе биде транспарентна во работењето и дека министерот за правда редовно ќе информира за тоа како функционира, зашто таа е во рамки на Министерството за правда.

- Реклама -