Работиме на планот „А“ за Северна Македонија, фокусирајте се на уставните измени а не на гаранции – ни порачува Брисел

„За Северна Македонија нема план ‘Б’, туку се работи на планот ‘А’ за членство во Европската Унија“, уверуваат дипломатски извори од Брисел, потенцирајќи дека постои огромна поддршка од земјите-членки.

Од Брисел се категорични дека Западен Балкан е на врвот на агендата на ЕУ и дека нема да запре политичкиот интерес за проширувањето, особено во новиот геополитички контекс.

Во однос на Македонија, од Брисел инсистираат дека сега е „моментумот земјата да направи чекор напред“, но и дека треба да испорачаме и да го забрзаме реформскиот процес, јавува известувачот на МИА.

Во однос на тоа колку ќе трае преговарачкиот процес, пак, од Брисел велат дека ЕК не поставува календар и не може да предвиди колку ќе траат преговорите, но дека треба да имаме акциски план (за членство) кој ќе биде истовремено и амбициозен, и реалистичен.

Во однос на уставните измени, дипломатите од ЕУ оценуваат дека никој кај нас нема забелешка за содржината на самите измени на Уставот, бидејќи, како што велат, земјата има долга традиција на негување на правата на сите малцинства. Проблемот, според нив, не е во содржината на уставните измени, туку во симболизмот во нив и „проценките од ризикот дека ќе има натамошни блокади од Софија во процесот“.

Прочитајте и:  Идна надворешна политика на ЕУ: Главна е поддршката за Украина, поделба на Косово не доаѓа предвид

Прашањата со Бугарија, тврдат тие, автоматски ќе бидат решени ако земјата „успее да оди напред“ (со уставните измени) и ако „се направат напори да се изгради долгорочна доверба, по примерот со Грција“.

Според ЕУ дипломатите, и за Србија има акциски план за малцинства, така што земјава, тврдат, не е исклучок на тој план.

Во поглед на гаранциите од ЕУ (дека Бугарија нема повторно да нѐ блокира и по уставните измени) кои ги бара, на пример, опозицијата, од Брисел велат „да не се фокусираме на барањата за некакви гаранции за членство, туку на обврските што се преземени“ и чие остварување, според нив, „го прави автоматски процесот на пристаспување во ЕУ“.

Извор: МИА

- Реклама -