Децата утре ќе може да учат основи на креирање на видео игри во просториите на Base 42 во Скопје од 16 часот. Работилницата и предавањето се наменети за деца од 6 до 14 годишна возраст. Идејата е дa се разбуди детската фантазија за децата да истражуваат и да увидат дека можат да ги развиваат своите идеи во реални проекти.
Предавањето и работилницата ќе ги води Дарио Стојанов – ко-основач на Codelii и ко-основач и директор на Нобел Курсеви Македонија, иновативно училиште за креирање на видеоигри. Дарио од рана возраст има освоено разни награди на национално и меѓународно ниво во сферата на програмирање, роботика и социјални иновации. Еден од проектите кој може да се истакне е “SpeakOut by Andrometa” мобилна апликација за ментално здравје наменета за адолесценти, која освои прво место на глобалниот натпревар поддржан од УНИЦЕФ.
Во рамките на проектот „Видео игротека“ ќе се реализира и кинопрограма со проекција на неколку филмови се деца. На 15 јуни во Кинотека на Северна Македонија и киното „Милениум“, ќе се одржи проекција на детскиот германски филм „Младиот Винету и изгубените биволи“ синхронизиран на македонски јазик. Уште една специјална проекција е закажана за 29 јуни на детскиот германски филм – „Луси гангстерката“, синхронизиран на македонски јазик во Кинотека.
Проектот „Видео игротека“ е во организација на Унијата на македонски професионални асоцијации во креативните индустрии УМПАКИ Скопје, во соработка со Асоцијацијата на македонската индустрија за видео игри – МГИ Скопје, а е поддржан од Министерството за култура на Р.С Македонија.