Qualcomm остана без лиценца за производство на Arm чипови

Драстичниот потег на Arm дојде во време кога Qualcomm го одржува својот Snapdragon Summit, и кога го претстави Snapdragon 8 Elite, првиот мобилен чипсет со Oryon јадра, кои компанијата сама ги дизајнираше. Токму овој дизајн е „семето на раздорот“ меѓу двете компании.

Во повеќето случаи, Qualcomm користеше јадра дизајнирани од Arm во своите производи, како што се Cortex-X4, Cortex-A720 и Cortex-A520 во сè уште актуелниот чипсет Snapdragon 8 Gen 3. Сепак, Арм тврди дека технолошкиот гигант ја нема потребната лиценца за дизајнирање на сопствени јадра кои го користат комплетот за архитектонски инструкции на Arm.

Таква лиценца имаше Nuvia, компанија која Qualcomm ја купи во 2021 година за 1,4 милијарди долари, а која беше основана од инженери на Apple кои претходно работеа на чипови од серијата А за уредите iPhone и iPad. По купувањето, Qualcomm сметаше дека го стекнал правото да ја користи лиценцата што ја имаше Nuvia, поради што Arm поднесе тужба во август 2022 година.

Времето на одземање на лиценцата е многу интересно. Иако доаѓа кога Qualcomm го претстави својот прв мобилен чипсет со Oryon јадра, периодот на известување паѓа веднаш по датумот на започнување на судењето, па аналитичарите веруваат дека Arm сака да се договори пред двете компании да излезат на суд.

„Рокот од 60 дена е 21-ви декември. Судењето е закажано за помеѓу 16-ти и 20-ти декември, што значи веднаш потоа. За мене ова изгледа како обид да се принуди Qualcomm да се договори“, изјави Стејси Расгон за Bloomberg.

Arm сè уште јавно не ја објави одлуката да ја прекине лиценцата за дизајн и производство на чипови на најголемиот партнер, Qualcomm. Од друга страна, портпаролот на Qualcomm го изјави следново: „Ова е уште една во низата неосновани закани од страна на Arm – обид да се изврши притисок врз долгогодишен партнер, да се попречат нашите водечки процесори и да се зголемат таксите, без оглед на правата што ги имаме според лиценцата за архитектура. Со брзото наближување на судењето во декември, очајничкиот обид на Арм да го наруши правниот процес, како и причината за прекинот, се целосно неосновани. Уверени сме дека правата на Qualcomm според договорот со Arm ќе бидат потврдени. Монополското однесување на АРМ нема да се толерира“.

- Реклама -