Q&A од Конференцијата на рамноземјаши 2017

На 9 и 10 ноември, во Рали (Raleigh) Северна Каролина се одржа Меѓународна Flat Earth конференција. Се собраа рамноземјаши од целата земјина топка… или барем требаше. Главно беа Американци.

Како и да е, на конференцијата се зборуваше за тоа зошто NASA нé лаже, што има Библијата да каже на сето ова, и зошто научниот метод потфрла, меѓу другото.

Меѓу присутните беше и оној црнецот што се качи во авион со васер-вага за да докаже дека авионот цело време лета рамно…

 * * *

Во рамките на конференцијата имаше и Q&A (прашања и одговори) сесија. Делот со јутјуберот Марк Сарџент – истакнат промотор на теоријата за Рамната Земја, Сарџент го постави на својот канал. Видеото е ТУКА.

За да ве поштедиме од мозочни тумори и да ви заштедиме 40-тина минути, еве дел од прашањата и одговорите:

Го прашуваат што треба рамноземјашите да направат за теоријата за Рамната Земја да почне да се изучува во јавните училишта. (12:20 во видеото) 

„Науката ќе мора да го адресира ова прашање, јасно и едноставно. Не можат да нé избегнуваат засекогаш“.

Сарџент зборува за спиритуалните импликации од рамноземјашството. (21:18) 

„Пробај да си атеист и да веруваш во Рамната Земја. Не е возможно. Уште немам најдено атеист што верува во било верзија на рамниот модел“.

Што правиме со сите тие слики на НАСА од вселената? (26:34) 

„НАСА имаше предност од 60 години да проба да го скрие ова, а ние сепак го откривме за колку, две години? Значи, на пат сме. Ние сме далеку поблиску од очекуваното“.

Мало интермецо.

Сарџент одговара на прашањето кој стои зад „глобалистичката“ лага. Според него, не се многу луѓе во владата. Само неколку. (29:30) 

„Зборуваме за многу многу мала група луѓе овде. И не, не сакам да ги именувам… Но тоа е мала страшна група од луѓе кои пушат (пури) седнати околу долга маса“.

Следно, Сарџент го прашуваат за Илон Маск, кој сака да го истражува Марс. Прашањето е дали Маск ќе ја пробие куполата, ако воопшто стигне, или само ќе се протрие од работ. (31:10) 

„Како прво, сé што тој човек вели е бесрамна лага… Илон Маск само извлекува срање од г’зот на неделна основа“.

Сарџент чита писмо од постар фан со „успешна приказна“. (47:00)

„ … Прашав две постари деца, 6-то и 7-мо одделени, дали некогаш ја спомнуваат Рамната Земја на часовите. Истово се случило и кај едново и кај другово; беа возбудени да ми кажат дека кога наставникот по наука ги учел дека Земјата се врти со 1.000 милји на час и оди околу Сонцето, околу третина од децата во класот во хор одговориле: Не, не се врти! На тоа другите деца аплаудирале и навивале“…

* * *

Ако случајно мислите дека сé ова е заебанција, престанете. Откажете се од негирање на тажната вистина; конференцијата се одржа, а луѓево платија по 250 долари за да присуствуваат. Башка што се снимаа пред камера…

Еве и мала рекапитулација од BBC.

- Реклама -