Рускиот претседател Владимир Путин денеска најави дека ќе се кандидира за претседател на изборите во март 2024 година.
Одлуката Путин ја соопшти во Кремљ, на церемонија на одликување.
Откако Путин ги одликуваше воените ветерани кои се бореле во Украина со највисоката руска воена чест, златната ѕвезда Херој на Русија, потполковник Артјом Жога, командант на баталјонот Спарта, побара од претседателот повторно да се кандидира.
„Нема да кријам дека сум имал различни мисли во различни периоди, но сега е време да се донесе одлука“, им рекол Путин на Жога и на другите одликувани војници. „Ќе се кандидирам за претседателската функција“, истакна Путин.
Владимир Путин е на власт како претседател или премиер на Русија од крајот на минатиот век, што го прави лидер на Кремљ со најдолг стаж по Јосиф Сталин.
Во април 2021 година, тој потпиша закон што му дозволува да се кандидира за уште два шестгодишни мандати.
Претседателските избори во Русија се закажани за 17 март 2024 година.