„Прашањето не е поставено сосема коректно. Јасно е дека двајцата лидери во некоја мера се потпираат не само на своите заклучоци, туку и на извештаите на своите разузнавачки служби, но и на мислењата на најблиските советници“…
Соодветно оценувајќи ја нивната работа, ние во голема мера не ги цениме нив самите, колку нивните надворешно политички тимови. Сепак одговорноста, независно од сè, лежи на лидерот, а последните активности на Русија во Сирија ставија мнозина на мисла дека Кремљ повторно е понапред и ја надигра Белата куќа. Дали е навистина така? Што ни велат последните вести за способноста на овие две земји да формулираат и да реализираат ефикасна надворешна политика? За да се одговори на овие прашања има смисла да се разгледа она што го постигнале Русија и САД во последните 7 години.
Резултатите од политиката на Путин едно време изгледаа многу добро. Во 2012 година руската економија растеше многу брзо благодарение на високите цени на нафтата и останатите суровини . Русија стана членка на Светската трговска организација, а тоа на прв поглед ги подобри заладените односи меѓу Москва и Вашингтон. Но потоа делата на Путин тргнаа на лошо. Во моментов руската економија се наоѓа пред сериозна рецесија, додека американската оди напред. Исто така треба да се земе предвид дека во 2014 година БДП на Русија не достигна и 2 трилиони долари, односно за последните 6 години американската економија порасна за волумен поголем од целата руска економија. Кон ова треба да се додаде и дека американската економија е многу стабилна. Не помалку важно е дека САД во последните 7 години не изгубиле ниту еден клучен сојузник, а нивните односи со голем број држави, на пример, со Индија и Виетнам се подобрија значително. Русија, пак, почна да соработува малку повеќе со Кина, но едвај тие можат да бидат сфатени како близок сојузник. При тоа украинската криза сериозно ги влоши односите меѓу Москва и Европа. Кон ова треба да се додаде дека членството на Русија во Г-8 беше замрзнато. САД овие денови потпишаа голем трговски договор со голем круг од азиските земји, додека обидите на Путин да создаде “евроазиска економска унија” генерално се покажаа мртвородени. Фактот дека Путин го сметаше за неопходно спасувањето на режимот на Асад, покажува дека неговите позиции на Блискиот Исток, исто така не се стабилни. Во меѓувреме САД, и покрај сите несогласувања ги задржуваат своите тесни врски со Израел, Египет, Саудиска Арабија, Кувајт, Јордан, Бахреин и ОАЕ, а нивните односи со Иран – стар ривал – се подобрија. Оттука, позициите на Америка очигледно се посилни и секој искрен аналитичар треба се признае дека Обама и неговиот тим умеат да создадат корисни врски со странските земји и успешно да ги избегнат опасните мочуришта, во кои во глава ја фрлаше Џорџ Буш помладиот.
Сепак, се создава впечаток дека Путин подобро игра со своите лоши карти отколку Обама – со најдобрите. Делумно ова е поврзано со фактот што Обама наследил одеднаш неколку надворешнополитички несреќи. На него му е исклучително тешко да се откаже од неуспешните проекти. Главната грешка на Обама се состои во тоа што тој недоволно брзо се избави од опасното наследство што го доби од својот претходник. Тој мораше побрзо да се повлече од Авганистан и да не се занимава со промената на режимот во Либија. Напротив, Путин на прв поглед изгледа има успеси, бидејќи Русија денес е поактивна отколку во годините кога таа практично беше парализирана. Ако се потсетиме во каква состојба се наоѓаше во 1995 или дури во 2000 година, тогаш станува јасно дека таа нема каде да паѓа надолу. Впрочем Путин исто така, прави некои работи многу правилно. Тој си зацртува мали цели кои релативно лесно може да ги постигне и кои одговараат на скромните сили на Русија. Во Украина неговата главна задача беше да го спречи приближување на оваа земја со ЕУ и нејзиното последно членство во ЕУ и НАТО. Од самиот почеток тој не планираше да ја зазема Украина или да ја претвора во нешто слично на Русија. Неговата цел од самиот почеток беше на дофат, бидејќи Украина е корумпирана, внатрешно нееднородна и е сосед на Русија. Сето ова му овозможи на Путин да користи минимална сила која ќе им попречи на околните да одговорат на неговите активности, без да започнат бесперспективен циклус на ескалација.
Целите на Путин во Сирија се исто толку едноставни како и реални и одговараат на ограничените можности на Москва. Тој сака да го задржи режимот на Асад како значајна политичка сила, способна да служи како потпора на руското влијание и неизбежен дел од секое идно политичко решение. Путин не се обидува ниту да ја освои Сирија, ниту да ја победи “Исламска држава”, ниту да го турне иранското влијание. И секако тој не храни донкихотовски илузии за изградба на демократија во Сирија. Умереното користење на руската борбена авијација и испраќање во земјата на незначителен број “доброволци” е сосема доволно Асад да избегне целосен пораз – особено ако САД и останатите големи играчи почнат да гледаат на овој конфликт пореално. Во меѓувреме целите на САД и во двата конфликти изгледаа нереални и контрадикторни. Во случајот со Украина, ЕУ и либералните интернационалисти беа убедени дека Спогодбата за асоцијација со ЕУ е апсолутно безопасна и неутрална, што не може да роди никакво недоразбирање. На крајот тие беа целосно изненадени што Москва, како и досега, ги гледа нештата сосема поинаку. Покрај слепилото, тука имаше и елемент на лицемерие: Русија одлучи да се држи на ист начин како што долго време се држеа САД во западната хемисфера. Притоа американските дипломати решија да ги игнорираат јасните предупредувања од страна на Москва. Нешто повеќе главната цел на Западот – создавање на комплетна демократска држава во Украина беше за пофалба, но тешко спроведлива, додека целта на Путин – да не ја пушти Украина во НАТО – беше на дофат. Ако зборуваме за Сирија, тогаш политиката на САД таму изгледа уште повеќе збунувачка. Од самиот почеток на конфликтот Вашингтон си поставуваше низа тешки и лошо компатибилни задачи. Тој тврди дека Асад мора да си оди, но не сака на негово место да дојдат џихадисти, односно единствените луѓе кои реално се бореа против него. Тој сака да ја уништи “Исламска држава”, но при тоа не сака успех да постигнат нејзините противници од “Фронтот ал Нусра”. Тој се потпира на курдските бунтовници, но истовремено со тоа се очекува помош од Турција, која се противи на секакви мерки кои дотураат масло на огнот на курдскиот национализам. Тој очајно бара во Сирија “политички коректни бунтовници” – истите тие озлогласени “умерени сили” – и не наоѓа речиси никој соодветен. И конечно не е јасно каква иднина САД сакаат за Сирија, освен повлекувањето на Асад од власт. Нема ништо чудно што на оваа позадина, активностите на Путин изгледаат храбри и решителни и тој заработува поени во споредба со Обама. Делумно станува збор за методолошка разлика. Бидејќи Русија е многу послаба од САД и во иднина само ќе слабее, таа е принудена многу претпазливо да игра со остатокот од карти и да ги реализира само најважните цели за кои при тоа не треба да плаќа скапо. САД располагаат со многу поголеми ресурси за решавање на глобалните проблеми, а нивната удобна геополитичка положба им помага во голема мера да ги избегнат последиците од сопствените грешки. Исто така не треба да се заборави дека како конзервативистите, така и либералните интернационалисти веруваат: ширењето на учењето за “слободата” во светот е потребно, лесно и не ни се закануваат ниту неочекувани последици, ниту сериозен отпор. Како резултат на тоа има цел спектар од амбициозни иницијативи за кои се доделуваат недоволно ресурси што не може да не доведе до постојан пропаст. Со други зборови, активностите на Путин изгледаат успешни, бидејќи неговите задачи одговараат на ограничените можности. Тој сака да се жали од американската хегемонија, но нема да слушнете од него високопарни говори дека мисијата на Русија е да ја води по себе целата планета. Моќта на Америка и нејзината безбедно географска положба им овозможуваат на властите да си поставуваат амбициозни цели. Понекогаш американската дипломатија, независно од се друго постигнува успеси, но многу често таа само не вплеткува во конфликти, во кои ние не можеме да победиме и од кои не можеме да излеземе.
И така, кој од нив двајцата е подобар стратег? Од една страна, Обама, без сомнение е реалист и разбира дека интересите на САД на многу места се ограничени. Тој исто така сфаќа дека ние не секогаш можеме да го дефинираме излезот од нашите дејства, особено кога станува збор за обидите за социјален инженеринг во поделени општества, кои силно се разликуваат од нашето. Со други зборови, тој сфаќа дека државната изградба е скапа вештина, комплексна и многу често непотребна. Но нашата надворешнополитичка јавност успеала да се навлече на безбедносната идеја за “светското лидерство”, а опозицијата го осудува секој “пропуст” на власта, дури и ако алтернативата е “глупост”. Спротивно во Путин гледаме поинаков стратег. Тој подобро ги мери целите со достапните ресурси, што несомнено е одлика на најдобар стратег. Неговиот проблем е во тоа што цели кон краткорочни одбранбени мерки. Тој води ариергардни борби, за да го сопре влошувањето на светските позиции на Русија и не се обидува да ги зајакне моќта и статусот на Русија во долгорочна перспектива. Како што изгледа имаме еднаква игра. За жал, вистински губитници се несреќните луѓе кои живеат во Украина, Сирија и некои други места.
Стивен Волт, професор по меѓународни односи на Харвард. Статијата е објавена во списанието “Форин полиси”.