Москва, 18 септември 2021 (МИА) – Рускиот претседателот Владимир Путин денеска повика на поблиска соработка меѓу вооружените сили на земјите-членки на Шангајската организација за соработка.
Во своето видео излагање на двата денешни самита, на Шангајската организација за соработка (СЦО) и на Организацијата за договор за колективна безбедност (ЦСТО), што се одржаа во Душанбе – главниот град на Таџикистан, Путин ги повика САД и НАТО да ги сносат трошоците за реконструкција во Авганистан.
Во моментов рускиот претседател е во самоизилација поради неколкуте случаи на Ковид-19 во неговото непосредно опкружување, пренесе Анадолија.
Изразувајќи поддршка за воспоставувањето контакти меѓу СЦО и Авганистан, тој истакна дека организацијата треба да ги удвои напорите за спречување закани од тероризам, трговијата со дрога и верскиот екстремизам што произлегуваат од Авганистан.
Тој додаде дека САД и НАТО треба да ги сносат трошоците за обновата на Авганистан, земја разурната од војната, бидејќи тие во голема мера беа одговорни за тамошната ситуација.
„Ја поддржуваме одлуката за почнување на процесот за иранско членство во СЦО, која е доставена на одобрување до Советот на шефови на држави во СЦО“, рече Путин.
Изразувајќи загриженост за ситуацијата во долината Паншир и воопшто за последните случувања во Авганистан, претседателот на Руската Федерација повика на поблиска соработка меѓу вооружените сили на земјите-членки на СЦО.