Путин: Русија нема да ја повтори грешката да го ослаби својот суверенитет

Москва, 21 септември 2022 (МИА) – Рускиот претседател Владимир Путин денеска одржа говор на комеморацијата по повод 1160-годишнината од руската државност, при што истакна дека би било „опасно за Русија да го ослаби нејзиниот суверенитет“, нагласувајќи дека „нема да ја повтори таа грешка“.

„Во овие 1160 години научивме дека е опасно за Русија да го ослаби својот суверенитет, макар и за момент. Во тие периоди, самото постоење на Русија беше загрозено. Никогаш нема да ја повториме таа грешка“, рече Путин.

„Нема да попуштиме на уцени и заплашувања и никогаш нема да го загрозиме нашиот суверенитет. Ќе го зајакнеме и ќе ја развиваме нашата земја. Суверенитетот е гаранција за слободата на секој човек, исто како и нашите традиции. Луѓето не можат да се чувствуваат слободни, вистински слободни ако Мајка Русија не е слободна“, продолжи рускиот претседател.

Путин зборуваше и за „единството на народот соочен со закана“.

Прочитајте и:  Зеленски: Во секој руски дрон има 85 странски компоненти, вакви напади се можни само поради заобиколувањето на санкциите

„Почит кон семејството, љубов кон децата – тоа е силната основа на нашите вредности. Тоа се и сочувството и желбата да се трага по благосостојба, не само за себе, туку и за цела Русија. Тоа е и единството на народот соочен со закани кон нашите пријатели и татковината, рече Путин и на крајот од говорот се осврна на војната во Украина што Кремљ ја нарекува специјална воена операција.

„За време на специјалната воена операција, нашите херои, војници и офицери, нашите доброволци, сите тие ги покажуваат највисоките човечки вредности. Чесно се борат братски за народот на Донбас“, рече Путин кој нагласи дека „да се ​​биде патриот е самата природа на Русија“.

Путин претходно денеска најави делумна мобилизација на руските резервисти и му се закани на Западот со употреба на нуклеарно оружје.

- Реклама -