Путин: Русија ќе продолжи да работи на формирање мултиполарен светски поредок

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека Русија ќе продолжи да работи со партнерите за формирање мултиполарен светски поредок, како и дека е возможно да се разговара за безбедносни прашања со западните земји, но под еднакви услови.

– Заедно со партнерите во евроазиските интеграции, со другите центри за суверен развој, ќе продолжиме да работиме на формирање мултиполарен светски поредок, еднаков и неделив безбедносен систем“, рече Путин на церемонијата на инаугурација во палатата во Кремљ.

Тој рече дека Русија била и ќе биде отворена за зајакнување на добрите односи со сите земји кои во неа гледаат сигурен и чесен партнер.

Русија не го отфрла дијалогот со западните земји, туку дека изборот е нивен, истакна Путин.

– Дали сè уште планираат обиди да го запрат развојот на Русија, да ја продолжат политиката на агресија, притисокот врз нашата земја кој не запира со години или бараат пат кон соработка и мир“, рече рускиот лидер на церемонијата на инаугурацијата.

Според него, разговорот меѓу Русија и западните земји за безбедносни прашања е можен само под еднакви услови, а не од позиција на моќ.

– Повторувам, можен е разговор, вклучително и за прашања за безбедност и стратешка стабилност, но не од позиција на сила, туку разговор без никаква ароганција, вообразеност и лична ексклузивност, само под еднакви услови, со почитување на заедничките интереси, нагласи Путин.

Тој подвлече дека народот на Русија е единствен и голем и дека Русите заедно ќе ги надминат пречките, ќе ги реализираат своите планови и ќе победат. Додаде дека единствено заедно со народот може да се постигнат вистински големи цели.

– Денес, во суштина, сме одговорни за нашата илјадагодишна историја, нашите предци кои освојувале навидум недостижни височини, бидејќи нивната татковина секогаш била на прво место. Тие знаеле дека можат да постигнат големи цели само заедно со државата и народот. И изградиле светска сила – нашата татковина, рече Путин.

Прочитајте и:  Залужни: Апсолутно, 2024-та e година кога Третата светска војна започна

Претседателот на Русија смета дека е неопходно да се обезбеди сигурен континуитет во развојот на земјата во наредните децении, да се подигнат и образуваат помладите генерации кои ќе ја зајакнат моќта на Русија, ќе ја развиваат нејзината државност, заснована на меѓуетничка хармонија, зачувување традициите на сите народи кои живеат во Русија. Тој рече дека за него интересите и безбедноста на рускиот народ ќе бидат пред се и изрази надеж дека Русите достоинствено ќе го поминат „овој тежок, критичен период и ќе станат уште посилни“.

Тој вети дека ќе стори сè и ќе ги искористи сите законски и уставни овластувања за да ја оправда довербата на Русите, истакнувајќи дека руските граѓани ја потврдиле исправноста на курсот на земјата, што, како што рече, е важно во контекст на сериозни искушенија.

– Вие, граѓаните на Русија, ја потврдивте исправноста на курсот на земјата, сега кога сме соочени со сериозни искушенија, во ова гледам длабоко разбирање на нашите заеднички историски цели. Консолидираната волја на милиони луѓе е голема сила, доказ за нашата заедничка цврста верба дека ние ќе ја одредиме судбината на Русија и заради сегашните и идните генерации … Служењето на Русија е голема чест, одговорност и света должност на шефот на државата, заклучи Путин во својот говор на церемонијата на полагање заклетва.

Ова е петта церемонија на инаугурација во политичката кариера на Путин, тој ќе ја извршува највисоката избрана функција во следните шест години – до 2030 година. На претседателските избори во Русија, одржани од 15 до 17 март, Путин освои 87,28 отсто од гласовите.

- Реклама -