Рускиот претседател Владимир Путин денеска во рускиот град Тула, каде има голема фабрика за оружје, се сретна со претставници на одбранбената индустрија од целата земја, за да разговара околу проблемите поврзани со снабдувањето на руската војска со оружје и друга опрема.
„Најважна, клучна задача за воено-индустрискиот погон, е брзо снабдување на војниците на првата линија на фронтот со сѐ што им е потребно – оружје, опрема, муниција. Потребни ни се количина и квалитет“, порача Путин.
Тој рече дека „се радува“ да ги чуе предлозите на претставниците за решавање на проблемите.
„Покрај тоа, важно е, во контекст на најновите борбени искуства, значително да ги подобриме карактеристиките на испорачаното вооружување. Се радувам на вашите предлози за решавање на проблемите кои се неизбежни при нашите должности. Предложете на кој начин можеме да продолжиме напред и да имаме помалку проблеми“, побара Путин.
„Клучна задача е да се воспостави повратна врска меѓу воено-индустрискиот комплекс и единиците на ‘специјалната воена операција’. Вашите експерти одат на првата линија на фронтот и помагаат брзо да се поправи оштетената опрема и одново да се направи оперативна, да тестираат како работи и да направат измени на прототиповите за да ги подобрат нивните карактеристики“, порача рускиот претседател.
Состанокот со претставниците на воено-индустрискиот комплекс следува два дена откако Путин, на состанок со военото раководство во Москва, изјави дека нема да има финансиски ограничувања за снабдување со опрема и хардвер на руските сили и дека војската ќе добие сѐ, „ама баш сѐ“ што ќе побара.